„Филип Морис“ станува главен партнер на прилепскиот Тутунски комбинат
Американскиот гигант „Филип Морис“ станува стратешки партнер на прилепскиот Тутунски комбинат како единствена компанија која ги исполни сите услови и даде понуда на распишаниот јавен повик.
Ова го потврди и генералниот директор на Тутунски, Александар Дерменџиев според кого од „Филип Морис“ е приложен добар бизнис план.
„Одборот на директори донесе одлука за јавен повик за стратешко партнерство. На истиот се јави само еден понудувач, компанијата „Филип Морис“. Беше формирана комисија која требаше да одлучи дали понудувачот ќе ги исполни условите од јавниот повик. Комисијата даде позитивна препорака, а вчера се одржа седница на Одборот на директори да се прифати понудата на единствениот понудувач“, изјави Дерменџиев.
Иако Одборот на директори ја прифатил понудата, нема детали од договорот, освен тоа дека во наредниот период се очекува да се премине кон имплементација на бизнис планот.
Тутунски комбинат е втора најголема компанија за производство на цигари и држи 19 отсто од пазарот. Како најголем производител е Империал Тобако ТКС од Скопје со 61 отсто од продажбата.
Според првичните најави, влезот на „Филип Морис“ нема да доведе до отпуштања работници кај прилепскиот загубар.
Слично
