Филе не доаѓа додека не се реши политичката криза во Македонија?
Брисел ја нема потврдено посетата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе на Скопје и затоа не може да се говори за никакво нејзино откажување, вели за Фактор Петар Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување.
Гласноговорникот на Филе истакнува дека ЕУ очекува што поскоро да биде формирана новата Влада, власта и опозицијата да најдат начин да ги надминат несогласувањата преку политички дијалог кој треба да овозможи нормално функционирање на Парламентот и останатите институции.
Дипломатски извори брифираат дека за време на одделните средби на македонскиот претседател Ѓорге Иванов со првиот човек на Европскиот совет Херман Ван Ропуј и со еврокомесарот за проширување Филе било потенцирано дека во период што следи од Македонија се очекува да одговори на многу прашања и предизвици кои се од суштинска важност за земјата.
За време на бриселските средби, на претседателот Иванов му било посочено дека Македонија треба да посвети особено внимание на јакнењето на добрососедските односи. Треба да се направат максимални напори и да се изнајде решение за спорот околу името со Грција.
Во исто време дипломатски извори брифираат дека Брисел изразил задоволство што има одредени знаци за затоплување на односите меѓу Скопје и Софија. Со особено внимание се следи и состојбата во медиумите и во судството.
Дел од македонските медиуми претходно најавија дека во текот на јуни, во рамки на високиот дијалог Македонија –ЕУ, во Скопје ќе допатува еврокомесарот за проширување Штефан Филе, но сосема е јасно дека меѓународна заедница будно ги следи случувањата на македонска политичка сцена кои влегоа во деликатна фаза по завршувањето на изборниот процес и по одлуката на најголемата опозициона партија да ги врати пратеничките мандати.
Г.Ч.
Слично
