Филе го поздрави, власта и опозицијата се поделија за Извештајот од „црниот понеделник“
Ад-хок комисијата денеска го потпиша конечниот извештај за настаните во Собранието на Македонија на 24-ти декември минатата година. Во Клубот на пратениците свои потписи на извештајот ставија претседателот на комисијата Борче Давитковски и нејзините членови од ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ и од СДСМ Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска.
Премиерот Никола Груевски синоќа откако СДСМ ги отфрли двете понудени опции за извештајот и за предвремени парламентарни избори, соопшти дека ВМРО – ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата и по цена на сопствена штета да гласа и да потпише извештај на ад хок Комисијата каков што сака СДСМ.
„ Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме, и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив“, нагласи Груевски.
Но потпишувањето на извештајот повторно беше мета на препукувања меѓу патриите. Според ВМРО-ДПМНЕ правните квалификации во извештајот се парче салфетка за водење оро, споreд СДСМ тоа е извештај на вистината.
