Филе бара продолжување на реформите, Попоски се надева на одлука за старт на преговори
И покрај бројните забелешки, земјава по петти пат добива препорака за почеток на преговорите со ЕУ.
„Се надевам дека земјите членки ќе ја земат сериозно препораката и се надевам Скопје ќе создаде услови за советот да даде зелено светло. Но за тоа прво треба да работи Скопје. Не само да работи околу проблемот за името, туку и за цената што ја плаќа што не напредува и не постигнува компромис за името”, ова го изјави еврокомесарот Штефан Филе во Брисел.
Вели дека политичката криза во Македонија предизвика голема поларизација на политиката, но додава дека генерално реформите продолжија и европската агенда останува стратешки приоритет на земјата.
„Дијалогот на високо ниво е успешна алатка која ќе продолжи да се фокусира на клучните прашања, вклучувајќи ги исто така и добрососедските односи. Но, тој не може да ги замени пристапните преговори. Приоритет треба да биде ефективно спроведување и зајакнување на постоечките правни и политички рамки, потребно е поголемо внимание врз владеењето на правото и резултатите во борбата против организираниот криминал“ изјави Филе кој како проблем повторно ја спомена слободата на медиумите.
Одлука за датум од страна на Советот засега нема, истакна еврокомесарот.
За македонскиот шеф на дипломатијата,Никола Попоски , ова е позитивен извештај. Во пишаната изјава до медиумите, вели дека и овој пат Европската комисија изложи мноштво резултати, факти и аргументи за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија на претстојниот декемвриски Самит. Додава дека остануваме целосно посветени и фокусирани на реформите за натамошно воведување на европските стандарди.
„ Односите со соседните земји – членки ни се особено важни. Патот до членство во Европската унија сакаме да го изодиме заедно, во соработка со нив и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа предлагавме и ќе продолжиме да предлагаме конкретни проекти и активности за продлабочување на взаемната соработка и доверба“, наведува Попоски.
Според него, сепак силната препорака на Европската комисија е поддржана со упатување до земјите членки да овозможат напредок на земјава и почеток на преговорите за членство.
„После петгодишно исполнување на критериумите од македонска страна, попречувањето е сериозен предизвик за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Ќе работиме заедно со сите наши европски партнери да поддржиме кредибилен европски проект за мир и просперитет во регионот“, забележува Попоски.
Слично
