Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Фершпед“ земал кредит па платил 6,76 милиони евра да купи сопствени акции

„Фершпед“ земал кредит па платил 6,76 милиони евра да купи сопствени акции
Извештајот за паричен тек покажува дека „Фершпед“ лани од кредити имал прилив од 461,85 милиони денари, а истата година платил 416,4 милиони денари за да купи сопствени акции и да ги стерилизира. Што значи компанија да се задолжи со кредит со кој ќе купи сопствени акции за 6,76 милиони евра? Паника кај постоечките акционери од влез на други акционери? Дали малите акционери би одобриле ваква зделка? Прашањето е етички и морално дискутабилно иако правно-формално се е легално. „Фершпед“ платил 416,85 милиони денари (6,76 милиони евра) за откуп на сопствени акции лани, покажуваат официјалните податоци од извештајот за паричниот тек за 2014 година што го објави компанијата на Македонската берза за хартии од вредност. Во истиот извештај е наведено дека лани „Фершпед“ се задолжил за 461,85 милиони денари од банките по основ на долгорочни и краткорочни кредити. Многу е веројатно дека голем дел од новото задолжување на „Фершпед“ направено лани отишло на откуп на сопствени акции. Неревидираниот и неконсолидиран биланс на „Фершпед“ за лани покажува дека компанијата во услови на губење на пазарното учество, пад на приходи и намален обем на работа одлучила да ги зголеми своите долгорочни обврски за 5 пет пати во однос на 2013 година. Така лани „Фершпед“ од банките на долг рок позајмил 630,96 милиони денари (над 10 милиони евра), а во истата година за откуп на сопствени акции платил 416,4 милиони денари. Во споредба со 2013 година лани „Фершпед“ го зголемил своето долгорочно задолжување за 502,5 милиони денари. Паралелно со зголемувањето на долгорочните кредити „Фершпед“ ги намалил краткорочните обврски и тоа по следниве основи: кај банките на основ на краткорочни кредити се раздолжил за 67,46 милиони денари ( 1,1 милиони евра) до ниво од 84 милиони денари на крајот на 2014 година. Обврските спрема добавувачите во истиот период се намалени за 28 отсто односно за 117,6 милиони денари (безмалку 2 милиони евра) до ниво од 295,6 милиони денари на крајот на 2014 година. Фирмата земала долгорочен кредит за да купи сопствени акции во година во која приходите од продажба се помали за 701 милиони денари до ниво од 3,43 милијарди денари. Паралелно со тоа оперативните расходи на крај на минатата година паднале во однос на 2013 година за 679,4 милиони денари до 3,58 милијарди денари. Овие податоци укажуваат на намален обем на работа и губење на пазарното учество на „Фершпед“ лани во однос на 2013 година. Во оваа многу турбулентна година за „Фершпед“ се случуваа значајни промени и видливо рекомпонирање по што следеше консолидација во акционерската структура на компанијата. Кон крајот на 2013 година тогашната акционерска Кираца Трајковска своите акции ги трансферираше во фирмата „Син Консалтнинг“ која во „Фершпед“ на 20 јануари лани имаше 15,22 отсто од акциите. Покрупен акционер, освен браќата Накови (кои заедно имаат 22,87 отсто) и Драгослав Димевски кој поседува 5 отсто, во тој период е „Војвоџанска банка“ од Нови Сад, Војводина, Србија со 5,59 отсто од акциите. Оваа состојба трае до 7 јули 2014 година кога од акционерската структура ги нема „Војвоџанска банка“ и „Син консалтинг“, а се појавува како акционер „Фершпед“ со посед врз 9,99 отсто од акциите. Тие акции од моментот кога ги добива во сопственост „Фершпед“, согласно Законот за хартии од вредност, се без право на глас и без право на дивиденда. На 6 октомври лани во акционерската структура се појавува словенечкиот инвестициски фонд „Алпен Си“ со посед врз 5,87 отсто од акциите. На 29 декември лани во акционерската структура како акционер се јавува и скопската кондиторска индустрија „Европа“ која добива во посед 5,61 отсто од акциите. На 5 јануари годинава во групата големи акционери се приклучува и фирмата „АВТ Консалтинг“ – фирма-ќерка на штипски „Брилијант“ , која во сопственост има 7,22 отсто од акциите. Фирмата на „Брилијант“ т.е. на Мите Николов, познатиот штипски бизнисмен и единствен сопственик на „Брилијант“, на 2 февруари годинава докупи акции во „Фершпед“ и стана сопственик на 9,41 отсто од акциите со право на глас.
Слично

Поврзани вести