Фер списоци против криминални избори или опозициски тактики?
Прво чистење на избирачките списоци потоа избори, бараат од опозиционата СДСМ. Од владејачката ВМРО ДПМНЕ пак враќаат, Заев бара алиби зошто не треба да има избори.
Власта и опозицијата, заедно со институциите на системот, директно да се вклучат во прочистување на Избирачкиот список и во него да ги вградат на сите препораки од ОБСЕ и ОДИХР во изборното законодавство, побара денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според него, откако ова ќе биде направено, може да се договори дата за следните парламентарни избори.
„Треба да знае и Груевски, но и граѓаните дека во фер и конкурентни натпревари и создадени услови, на секого ќе му биде јасно колку лесно ќе биде поразена оваа власт“, истакна Заев и додаде дека власта уште во март избегала од предвремени парламентарни избори.
Ние сме секогаш подготвени да учествуваме на избори,рече Заев, но никогаш повеќе нема да дозволиме организирање на уште едни криминални избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека Заев ја користи истата тактика на Црвенковски за барање алиби и изговори за да нема избори.
„Тие зад лажната храброст која сакаат да ја демонстрираат за да си го охрабрат членството кое и самото со потсмев гледа на овие нивни настапи, евидентно покажуваат во нивниот поглед израз на изгубеност и надеж избори да не се случат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму го негираа и тврдењето дека изборите биле криминални.
„Таа теза покажува само колку се отсечени од реалноста и не се свесни за фактот како граѓаните гледаат на нив, а да не говориме за фактот дека со самото тоа тој самиот себеси се нарекува криминален градоначалник, со што Зоран Заев ја продолжува својата блескава кариера на политички гафови кои долго ќе се паметат“, стои во реакцијата.
