ФЕНОМЕН: Становите и дуќаните – празни, а цените не паѓаат!
Повеќе од 40% од новоизградените станови во Скопје не се продадени, но нивната цена ќе паѓа многу бавно заради намалената ликвидност на пазарот и отежнатиот пристап до банкарско финансирање, проценува консултантската компанија за недвижности „Фортон“.
Според истражувањето, за само една година, од 2012 до 2013, понудата на нови станови во Скопје се зголемила за 46%, просечната продажна цена на живеалиштата лани се намалила за 6%. Со регистрирана вредност од 1.200 евра за метар квадратен, Општина Центар води според висината на продажните цени во главниот град, додека на најевтини станови се нудат во Општина Ѓорче Петров.
Инвеститорите, пак, се сконцентрирани на вложување во општините Аеродром, Центар и Карпош, кои учествуваат со 66% од вкупниот број на понудени живеалишта.
Се забележува пораст од 9% и во понудата на малопродажен простор во Скопје. Речиси 19% од вкупната површина предвидена за малопродажба во трговските центри, галериите за малопродажба и главните пешачки зони е празна. Највисок процент на слободен простор има во ТЦ „Соравија“ - дури 70%, по неа следуваат „Буњаковец“ и „СП Планет“ со 35%, како и Градскиот трговски центар во кој 27% од вкупниот простор е слободен за изнајмување или купување.
Сепак, висината на закупнините во овој период не се променила и истата се движи од 27 евра за метар квадратен долж главните пешачки зони до 40 евра за метар квадратен во скопските трговски центри.
Слично
