ФЕНИ пред разрешница, печките си работат
Доколку не дојде до ново одложување на судското рочиште за поведената предстечајна постапка за ФЕНИ утре би требало да биде позната судбината на комбинатот за фероникол. Досега трите банки доверители изразија сомнежи дека од страна на Енекод ќе биде изваден нов правен трик од ракавот за да се одложи и ова рочиште. но се надеваат дека ќе дојде до решение.
Во меѓувреме работниците ќе покажат трпение уште еден ден и нема да преземаат радикални мерки, освен што деновиве одржаа едночасовен протест пред фабриката. Тие ја немаат добиено ни октомвриската плата, но свесни се дека решение мора да се најде, а нетрпението да го изразат на друг начин наместо со гасење на печките што може да доведе до нови трошоци од дури 10 милиони долари, како и едногодишна пауза во работењето што е апсолутно неприфатливо за никого.
Исто така и синдикалните претставници ги одиграа сите трикови кои им беа на располагање и тие ќе мора да се подредат во интерес на ФЕНИ и да престанат со притисоците бидејќи ако не дојде силен инвеститор кој за кратко време ќе ја реконструира компанија на вработените никој друг нема да може да им помогне.
На утрешното рочиште во Велес ќе треба да се утврдат повеќе основни параметри според кои ќе се одредува иднината на ФЕНИ, а со тоа и новиот сопственик. Во игра покрај Енекеод за кој се уште има време да го финализира наводниот договор со Кунико, се и компании од Швајцарија, Франција и Велика Британија, а дел од нив веќе направија и увид во состојбата на фабриката.
Од идниот инвеститор банките бараат да вложи најмалку 20 милиони евра од старт наменети за сервисирање на дел од долговите, исплата на вработените, обезбедување на неопходните средства за работа и тековно одржување на огромните трошоци на ФЕНИ.
