Економија, финансии, бизнис

Контакт

Фази на процесот на перење пари

Фази на процесот на перење пари
Перењето пари е глобален процес кој може да се извршува со употреба на различни инструменти и различни методи. И покрај разноликоста на овој процес, сепак доминира мислењето дека процесот на перење пари се состои од следните три фази: пласман, прикривање и интеграција. Пласманот е првата фаза во процесот на перење пари. Со оглед на тоа што перењето пари во суштина е активност којашто се темели врз готовите средства, тоа генерира голема сума  готови пари кои потекнуваат од нелегални активности (на пример: улична продажба на дрога каде плаќањето се врши во готови пари). Овие пари потоа се внесуваат во системот на финансиски институции или во стопанството, или пак се криумчарат надвор од земјата. Целта на субјектите кои перат пари е да ја пренесат готовината подалеку од местото на извршување на криминални активности за да не бидат откриени од властите. Можно е готовината да се трансформира и во други видови на средства (патнички чекови, поштенски пратки итн). Во втората фаза се врши прикривање на изворот на средствата по пат на креирање на цел систем финансиски трансакции коишто имаат за цел да го оневозможат следењето на трагата на сомнителните пари. Целта на прикривањето е одвојувањето на нелегалните пари од нивниот криминален извор. Најчесто, прикривањето се врши по пат на пренос на средствата на сметки на прекуморски банки (offshore banks) или вложување на средствата во акции на доносител од т.н. компании-школки (shell companies). Преносот на парите од нелегално потекло се врши по пат на електронски трансфер. Имајќи предвид дека дневно во светот се вршат преку 500.000 трансфери во вредност од над 1 трилион САД-долари и дека најголемиот дел од тие трансфери се легитимни, навистина е тешко да се утврди дали еден таков трансфер на средства претставува перење пари или не. Покрај електронскиот трансфер на пари, криминалците во фазата на прикривање се занимаваат и со трансакции на пазарот на хартии од вредност. Имајќи го предвид обемот на трансакции на овој пазар и анонимноста што најчесто е загарантирана, мала е веројатноста, и во овој случај, дека евентуалното перење пари ќе биде откриено. Интеграцијата претставува последна фаза во процесот на перење пари. Во оваа фаза парите се интегрирани во легитимниот економски и финансиски систем и претставуваат составен дел од вкупните средства во тој систем. Интеграцијата на „испраните" пари во економските текови се постигнува на тој начин што криминалната индивидуа или група тврди или докажува дека парите се стекнати на легален начин. Во оваа фаза скоро е невозможно да се направи разлика помеѓу легалниот и нелегалниот имот. Во фазата на интеграција субјектите коишто вршат перење пари најчесто ги користат следните методи:
  1. Основање анонимни компании во земји каде што тајноста е загарантирана. Новооснованите компании можат по легален пат да добијат кредит од банка и да го прошират полето на своето делување. Уште повеќе, овие компании бараат ослободување од данок за отплатените ануитети по кредитот.
  2. Испраќање лажни увозни или извозни фактури со преценета вредност на стоката или услугата што му овозможува на субјектот пренос на средствата од една земја во друга.
  3. Наједноставен метод е пренос на средствата од банка во сопственост на криминалците кон легитимна банка во друга земја. Познато е дека во земјите кои се т.н. даночен рај, субјектите што перат пари лесно стануваат сопственици на банки.
Треба да се напомене дека најризична фаза за перачите на пари е фазата на пласман. Тука е и најголема можноста од детектирање на процесот на перење пари. Доколку се дозволи нечистите пари да влезат во системот на финансиски институции, натамошното откривање и гонење на овој вид криминал е сѐ потешко. Покрај општо прифатената поделба на процесот на перење пари на три фази, на некои места се среќава и поделба на овој процес на шест фази: создавање - криминалната активност создава приноси; консолидација - приносите од криминалот се подготвени за влез во системот на финансиски институции; пласман - криминалните приноси влегуваат во системот на финансиски институции; прикривање - трансферирање на средствата низ системот на финансиски институции за да да се скрие нивното потекло; интеграција - инвестирање на испраните приноси во нови криминални активности и реализација - уживање во испраните криминални приноси. д-р Гоце Трајковски
Слично

Поврзани вести