Фатмир Битиќи: Многу повеќе пари ќе стигнеа до граѓаните да не мораше да се гласа во Собранието
Фатмир Битиќи, вицепремиерот за економски прашања, денеска се согласи дека наместо милијарда евра, до граѓаните како помош за справување со кризата како државна помош стигнале само 350 милиони евра поради бирократијата и бавните процедури во Собранието.
- Третиот и четвртиот сет на мерки требаше да помогнат да се ублажи кризата која настана и дојдовме до еден пакет од една милијарда евра. И во најголема криза политиката преовладува наспроти логиката да им се помогне на тие на кои им е најпотребно. Неразумноста на клучните политички чинители е причината зошто не стигнаа повеќе пари до граѓаните, рече Битиќи на прес-конференцијата организирана од Фондот за иновации и технолошки развој.
Тој додаде дека овде недостигаат законски решенија за државната кредитна гаранција, која опфаќа минимум уште 200 милиони евра, кои би биле одобрени уште утре да не било Собранието. Исто така го спомена и недонесеното законско решение за земјоделците во доменот на пристап до кредитирање од Светска банка и другите меѓународни кредитори. Вицепремиерот рече дека пратениците требало само да кажат „да“ и да кренат рака за земјоделските мерки.
- Со петиот пакет мерки кој допрва ќе го одобриме ќе има законски решенија кои нема да бараат долго време, но за жал некои ќе треба да одат во Собрание и очекувам таму пристапот да биде конструктивен. Тие пари не се ниту за мене, ниту за Владата, наведе вицепремиерот.
За најавуваната мерка од петиот сет рече дека се собираат информации од сите јавни претпријатија и од УЈП за да им бидат простени каматите на граѓаните.
- Треба да се земе само еден податок - во Македонија има блокирани 180.000 сметки на наши сограѓани. Тоа се 180.000 семејства кои не можат да функционираат нормално, вели тој.
