Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАТМИР БЕСИМИ: Владата за в година има 130 милиони евра на располагање за да се бори со енергетската криза, барањето за 300 отсто поскапо парно не значи дека ќе се оствари

ФАТМИР БЕСИМИ: Владата за в година има 130 милиони евра на располагање за да се бори со енергетската криза, барањето за 300 отсто поскапо парно не значи дека ќе се оствари

Владата има на располагање 130 милиони евра со кои идната година ќе се бори со енергетската криза во земјава.

Ова на брифинг со новинарите го објави министерот за Финансии Фатмир Бесими.

Со 10 милиони евра државата ќе го докапитализира ЕСМ, кое е АД во државна сопственост, односно буквално државата е стопроцентен негов сопственик, така што тие пари компанијата ќе може да ги искористи во инвестиции со кои ќе го зголеми домашното производство на електрична енергија. Тоа го дозволуваат законските прописи, Владата, која е сопственик на тоа АД, да вложи сопствени средства во него.

Потоа, 90 милиони евра се пари кои што ќе се пренаменат од предвидените средства за антикризните мерки што биле предвидени за компании или за граѓани за идната година. Тоа, како што објасни Бесими, не значи дека нема да се даваат тие антикризни средства таму каде што има потреба, односно каде што има субјекти кои што се погодени од корона кризата. Но, во секој случај сега енергетската криза е поургентна и парите ќе мора да се зачуваат во форма на резерви со кои ќе се санираат енергетските проблеми на државата.

И, 30 милиони евра се пари кои биле наменети за програмата за развој на зелена енергија.

За тоа колку ќе се зголеми цената на струјата Бесими рече дека не сака да прави шпекулации околу процентот, и конечниот збор ќе го има Регулаторната комисија за енергетика. 

Според министерот за финансии, енергетската криза со која се соочува земјава како дел од глобалниот свет е голем предизвик пред кој се исправени нашите власти.

Голема неизвесност има и околу цената на гасот, која претходниве денови благо се спуштила, но сега повторно имала зголемување. За ова Бесими смета дека не се случува чисто од економски мотиви, туку во тоа дефинитивно има и политика.

На новионарското прашање како ги коментира најавите на БЕГ кои бараат зголемување на цената на парното за 300 отсто, тој рече дека „секој може се да бара, но прашање е дали ќе се одобри“. 

„Доколку и се даде субвенција на БЕГ од државата, ќе има реакции зошто државата субвенционира приватна компанија“, рече Бесими.

Тој рече дека Владата ќе анализира за да одлучи каде треба државата да интервенира за да се ублажи овој проблем.

„Ние го гледаме целиот систем. Наша цел е да се амортизира ударот кој би бил врз крајниот потрошувач. Треба да се одлучи каде ќе се интервенира, дали кај крајниот потрошувач, или на стартот од системот. За тоа ќе разговараме со експерти за да одлучиме каде ќе биде интервенцијата“, рече првиот финансиер.

За инфлацијата со која се соочува светот министерот вели дека сите прогнози се дека ќе биде критична првата половина од идната година, додека, пак, таа треба да се смири во второто полугодие. Веќе за 2023 година на светско ниво се предлага повторно ниска инфлкација од два отсто.

Министерот Бесими објави и дека за оваа година наплатата на приходите во Буџетот ќе биде за два отсто повисока од планираното, и тоа во однос на ребалансот на државната каса, со кој, пак, беше предвидено зголемување на приходите за пет проценти. Тоа значи дека се остварило не само тоа зголемување од пет отсто, туку и додатни два проценти. Најдобра наплата има кај ДДВ, што се должи на зголемената потрошувачка, а делумно и на инфлацијата. 

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести