Фатиме ја одби „милостината“ од Иванов и му порачува „No pasarán“
На листата на Ѓорге Иванов аболицирани лица се најдоа и тројца обвинители од тимот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Денеска Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски и Лиле Стефанова побараа од претседателот Иванов да ја повлече неговата долука порачувајќи му дека не им треба никаква „Милостина“ од него.
Меѓудругото, претседателот Иванов помилувал погрешна Фатиме, со оглед на тоа што Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи живее во тетовското село Боговиње.
Фатиме Фетаи во писмото испратено до Иванов пишува дека „во изведбата на најсрамниот чин во историјата на Република Македонија при неразбирливо брзање, барем за мене не требаше толку да брзате, всушност сте ја помилувале Фатиме Фетаи од Гостивар. Верувам дека сте мислеле на мене, односно сугестиите Ви биле за мене, само што требало детално да Ви ги кажат моите лични податоци. Јас не сум од Гостивар, живеам во с.Боговиње - Тетовско и со целата оваа рашомонијада која ја направивте, Вие тотално го избришавте правниот систем во Република Македонија“.
Таа му порача на Иванов „No pasarán“:
„Не господине Иванов, “No pasarán“. Доколку сметате дека не сте дел од валкани игри и смислени конструкции, еве ви добра шанса тоа делумно да го докажете. Единствено што треба да направите е да го уважите ова мое барање за повлекување на Одлуката за мое помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка. Без разлика на Вашата одлука, за сторената повреда на мојата чест и углед ќе ги искористам сите правни механизми кои ми стојат на располагање и ќе барам соодветна отштета и за мене и за поблиското семејство“.
Обвинителот Бубевски во писмото до Иванов е зачуден на кој начин е отворена процедура за негово помилување, од каде се податоците дека против него се води некаква постапка.
„Во неколку наврати се обидов да го ислушам до крај Вашето обраќање до јавноста и не успеав. Верувам дека и Вие самиот не можете да го ислушате. Кога слушнав дека сте донеле одлука за помилување на сите политичари, и тоа го спакувавте како врвен интерес на Република Македонија, почнавте да ми се допаѓате. Во тој момент помислив дека Вие сте доброчуден циник и очекував во истиот стил на крај да кажете„се разбира дека сево ова е само обична шега и ја закажав оваа прес конференција за да ја релаксирам состојбата во државата“, со крајно поентирање дека врвен интерес на Република Македонија не може да биде неказнивоста на политичарите, напротив, врвен или највисок интерес е тие да бидат казнети ако сториле кривично дело. За жал згрешив во проценката, и не само тоа, туку во службен весник од 12.04.2016 година меѓу помилуваните бев и јас, како врвен политичар“, се вели во псимото на Бубевски. И обвинителката Лиле Стефанова го одби помилувањето на Иванов како незаконско и непотребно и во писмото таа му укажува дека вината треба да се докажува во судска постапка.
Додека пак во писмото на Стефанова пишува:
„Ослободувањето од кривично гонење на лицата кои се наведени во Вашите акти за помилување само поради тоа што се политичари или јавни обвинители во никој случај не може да биде оправдано, а најмалку под изговор за високи државни интереси. Кривичната пријава на која Вие се повикувате во актот за моето помилување е вешто направена конструкција со цел да се наштети на мојот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството во кое сум вработена, а се со цел да се влијае на постапката во која беа осомничени поранешни министри и сегашни функционери во Владата на РМ . Мојата невиност треба да ја докажувам во постапката пред Основното јавно обвинителство Скопје и пред надлежниот суд, а со Вашата одлука ме доведовте во позиција за истото да се произнесувам во медиумите и непотребно ме вовлековте во политичките игри кои ги водите“, пишува во писмото на Стефанова.
Против тројцата обвинители се поднесени кривични пријави за малтретирање на сведоци.
