Економија, финансии, бизнис

Контакт

Фамознa зделкa, владина антиреклама?!

Фамознa зделкa, владина антиреклама?!

Полека, времето покажува дека каде и подлабоко да се чепне во зделките на ВМРО-ДПМНЕ, секаде извира криминал. Фамозната зделка помеѓу санитарната депонија „Дрисла“ и италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“, вредна 74 милиони евра, падна на Управен Суд – кажа Софија Куноска, координатор на советничката група на СДСМ во Град Скопје.

- СДСМ од почетокот предупредуваше дека ова партнерство е спорно. По тужбата поднесена од страна на второрангираниот понудувач - германскиот конзорциум „Шолц“, минатиот месец Управниот суд ја прогласи за неважечка продажбата на депонијата – потенцираше Софија Куноска.

Исто така Куноска кажа дека сето тоа ги отвара следните прашања: „Дали градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ќе ја понесе финансиската и политичка одговорност за ваквата сомнителна зделка? Дали Управниот Суд ќе донесеше иста одлука, ако постапка покренеше домашна, а не германска фирма? За каква правна држава зборуваме, ако гарант за правдата не е правната држава, туку германската амбасада?“

- Овој случај ги потврдува сомнежите дека кога станува збор за тендери, власта не ги бира фирмите кои се најповолни за остварување на интересите на граѓаните, туку оние фирми кои се погодни за остварување на бизнис интересите на владејачката партија- истакна Куноска.

Софија Куноска го повика премиерот Груевски итно да се откаже од скапите реклами со кои повикува странски инвеститори, бидејќи и најскапата реклама не може да ја покрие антирекламата направена со ваквите сомнителни зделки.

-Град Скопје не ги коментира судските постапки до носењето на конечна одлука. Што се однесува до Град Скопје, постапката пред соодветните судски институции, не е завршена- кажаа од Град Скопје.

Слично

Поврзани вести