ФАЛСИФИКУВАНИ ПАСОШИ: СДСМ бара од Обвинителството да реагира
Јавното обвинителство е должно, по службена должност, да отвори истрага за да испита дали во Македонија се изработуваат патни исправи и во домашни услови и дали и кој е вмешан во скандалот, инсистира опозицискиот СДСМ.
Според партијата, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се поставила непрофесионално кон сериозните наводи за нелегална изработка на патни исправи, до кои дојде неделникот „Фокус“ од анонимен извор.
„Јанкулоска и МВР си дозволија без истрага и вештачење да ја коментираат веродостојноста на видео и фото материјалот пред воопшто да биде почната соодветна истрага за сериозните наводи. Обидите на Јанкулоска да го сврти вниманието, со објаснувањата дека не биле забележани фалсификувани патни исправи при влез и излез во државата, се наивен обид. Веќе се откриени вработени во Одделот за граѓански работи на МВР кои фалсификувале лични карти и пасоши – внесувале податоци на иселени лица од Македонија, отисоци од прст и фотографии на лицата кои ги купиле пасош“, вели Фросина Ременски, потпретседателка на СДСМ и претседателка на Комисијата за внатрешни работи.
Таа нагласува дека патните исправи служат и за идентификација на територијата на Република Македонија, вклучително и за време на изборен процес.
„Сето ова упатува на можна вмешаност на поединци или уште пострашно на државниот систем во сомнителниот случај што го обелодени медиумот. Јавното обвинителство е должно да спроведе истрага за аферата ’фабрика за пасоши’“, вели Ременски, која бара од Јанкулоска и МВР „да се воздржат од партиски притисоци врз институциите задолжени за спроведување на истрагата“.
Слично
