ФАЛСИФИКУВАНИ ЛИЧНИ КАРТИ: Украден е идентитетот на над 90 граѓани
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потврди дека од 105 лични карти доставени до МВР 90 од нив се лажни, со украден идентитет на луѓе со адреси во Куманово, Кичево, Гостивар и Штип.
Сега, Спасовски вели дека истрагата треба да покаже кој ги фалсификувал исправите, за која цел, под чија наредба и дали биле искористени во изборниот процес.
-Истрагата ја води Јавното обвинителство согласно законските прописи не МВР. Во МВР беше пријавено дека постои индиција за фалсификување лични карти. Се работи на истрагата на наредбите кои ги дава јавниот обвинител. За сега првичното вештачење е завршено и е утврдено дека хартијата е фалсификат и дека од тие 105 примероци на 90 луѓе им е украден идентитетот. Се однесува на граѓани од Куманово, Кичево, Штип, Гостивар. Врз основа на наредбата на јавниот обвинител се вршат проверки во ДИК и во Завод за статистика да видиме дали биле употебени и дали се користени за други цели. Најважно е да имаме квалитетна истрага која ќе даде одговор на прашањето кој ги фалсификувал, зошто, под чија наредба. Ние дознавме за аферата од проектот „Вистина за македонија“. Во неколку разговори се насочуваше дека се издаваат лични карти – вели Спасовски.
Инаку, неделникот Фокус пред една недела објави дека на две тајни локации во Македонија се фалсификувале десетици илјади лични карти. Од нив 105 биле доставени до Фокус, кој потоа ги предаде до МВР.
