Фалсификувал документи за да учествува на тендер за Музејот на ВМРО
Кривична пријава заработи 49-годишниот скопјанец М.Т. и Друштвото за производство, градежништво, промет и услуги „ПРОТОТИП ДООЕЛ“ Скопје во кое бил управител заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Фалсификување исправа“.
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, утврдила дека пријавениот, како дел од група на понудувачи, се јавил на објавениот оглас од страна на Министерството за култура на РМ за доделување на јавна набавка со примена на Отворена постапка за – “Изведување на работи за дополнување на музејската поставка на НУ – Музеј на македонската борба за државност и самостојност“-„Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и музеј на жртвите на комунистичкиот режим“ – Скопје.
Пријавениот поднел понуда во која меѓу другите документи потребни за учество на тендерот доставил и Уверение за платени даноци и придонеси од одреден датум, од Министерството за финансии – Управа за јавни приходи – Регионална дирекција Скопје.
На јавното отварање на понудите, при проверката на личната состојба на понудувачите, Комисијата за јавни набавки утврдила нелогичност во Уверението приложено од страна на „Прототип“ ДООЕЛ Скопје, по што извршиле проверки во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од каде со допис биле известени дека таков документ со посочениот архивски број не бил издаден на „Прототип“ ДООЕЛ Скопје.
Уште повеќе од УЈП – Регионална дирекција Скопје информирале дека таа фирма воопшто не е во нивна надлежност, туку како правен субјект е во надлежност на Дирекцијата на големи даночни обврзници.
Министерството за култура со допис се обратило до Управата за јавни приходи на РМ, по што добиле одговор дека даночниот обврзник „Прототип“ ДООЕЛ Скопје, се води, и е во надлежност на УЈП – Дирекција за големи даночни обврзници и дека Уверението што било приложено било издадено на друг даночен обврзник (друга фирма).
Притоа од УЈП напоменале дека фонтот на буквите кој е употребен во приложеното Уверение не се употребува при изработка на документи од страна на УЈП.
Во дописот било посочено дека споменатата фирма должела по основ на Данок на додадена вредност 56.568.431 денари и камата во износ од 9.081.940 денари, а имала долг и за месечни плати и придонеси за 03 и 04 месец 2013 година во вкупен износ од 8.677.802 денари, па од тие причини на даночниот обврзник „Прототип“ ДООЕЛ Скопје воопшто не би можело да му се издаде Уверение за платени даноци и придонеси.
Слично
