Факултетски образовани во пензија дури на 75 години
Во рамки на дискусијата за реформа на германскиот пензиски систем, се појави предлог дека правото на полна пензија повеќе не би се одредувало според возраста, туку според 45 години уплатени придонеси.
Економистот Јенс Зудекум, советник на германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл, објаснува дека ова во пракса би значело дека дел од работниците со академско образование би можеле да одат во полна пензија дури на 75 години.
- -Ако некој започне да работи на 18 години, по 45 години уплати би можел да се пензионира без одземање средства веќе на 63 години. Но, ако почне да работи на 30 години, поради подолг студиски период, полна пензија би добил дури на 75 години – вели Зудекум.
Тој додава дека сегашниот систем не е доволно правичен кон оние кои рано почнале да работат и долго време уплаќале придонеси. Зошто, прашува Зудекум, некој кој започнал работа на 30 години би требало да добие полна пензија на 67 години, исто како оној што започнал како тинејџер?
Од друга страна, Институтот за германска економија (IW) од Келн го критикува предлогот. Експертот Јохен Пимпертц нагласува дека германскиот пензиски систем веќе ги наградува оние кои подолго работат. Пензијата се пресметува според бодови: кој подолго работи и повеќе заработува, собира повеќе бодови и добива повисока пензија.
Податоците покажуваат дека осигурениците со најмалку 45 години уплати во просек добиваат 26% повисока пензија од оние со 35–44 години стаж. Кај новите пензионери во 2024 година, разликата достигнала околу една третина.
Особено проблематичен е предлогот за лицата со долгогодишно образование. Ако редовната возраст за пензија е околу 66–67 години, високообразованите тешко би собрале 45 години уплати. IW посочува дека, на пример, еден инженер би морал дипломата да ја заврши на 21 година за да го постигне целосниот стаж до редовната возраст за пензија, што за многу професии е нереално.
Во пракса, ова би значело воведување на нешто како „академска пензија на 75 години“, каде работниците кои започнале порано на пазарот на труд би биле во предност, додека лицата со подолго образование би морале многу подолго да работат за да избегнат намалување на пензијата.
пословни.хр