Економија, финансии, бизнис

Контакт

Факултет на секоја ливада: Каде ја згрешивме во високото образование?!

Факултет на секоја ливада: Каде ја згрешивме во високото образование?!
Дел од универзитетските професори се се  погласни против  новите предлози на власта за проверка на квалитетот на наставата, знаењето на студентите и работата на професорите, преку дополнителни тестирања и испити. Универзитетскиот професор Зоран  Киткањ,  за Фактор вели дека оваа идеја е уште еден обид на актуелната власт да ги дисциплинира универзитетските професори,  а воедно да ги исправи своите погрешни политики во високото образование со отварањето на огромен број на дисперзирани студии во многу градови во земјава. Кога ќе стартува проектот на евалуација – проверка на знаењата и квалитетот, вели,  ќе зависи од проценката на власта колку со таквите решенија ќе се наруши довербата кај граѓаните, која од ден на ден се зголемува како последица на загрозувањето на социјалната сигурност.
“Власта се обидува да ги модифицира првичните предлози на евалуација на знаењето и квалитетот во високото образование, поради страв да не загуби дел од електоратот за следните избори. Големиот број на излезени студенти на протестот, укажува дека е се поголем број на членови на партиите на власт кои манифестираат револт и незадоволство што дополнително ствара нервоза кај актуелната власт. Пролонгирањето на предложените проекти,  ни малку нема да ги предомислат студентите и нивните семејства да се спротистават на таквите нелогични проекти, кои не поминале ниту една фаза на јавна расправа. Подршката на студентите за реакцијата на начинот на евалуација на знаењето и квалитетот е легитимно право на опозицијата”-вели проф Киткањ.
Македонија на врвот по бројот на запишани студенти! Коренот на проблемите во високото образование според експертската јавност е многу подлабок од она што се претставува. Па така,  основниот проблем не  се новините кои се предвидуваат во вид на државни испити или друг модел на евалуација, туку нефункционалноста на постоечките механизми за проверка, се поголемиот број на запишани студенти, дополнителните обврски на професорите, задирањето во автономијата на универзитетите, инертноста на дел од академската заедница. Според проф. Киткањ, повеќе од очигледно е дека има се послаб квалитет на знаења на дипломираните студенти, но сето тоа се должи на запишувањето на се поголем број средношколци- матуранти со помало ниво на знаење, на некој од многуте факултети во државава. Во Македонија, додава,  на некои од постоечките државни и приватни универзитети се запишуваат преку 95 отсто од средношколците кои завршиле средно образование,  што не е пример во било која друга европска земја, па и пошироко.
“Во Европа и во светот Македонија е на прво место по број на запишани студенти. Со намалување на бројот на запишани студенти ќе се подобри конкуренцијата на високообразовните институции бидејки ќе се запишуваат само добрите ученици”-вели универзитетскиот професор Зоран Киткањ.
Дополнително, додава, неприлагодувањето на Болоњскиот кредит трансфер систем со менталниот склоп и колективната свест на нашите граѓани,  е исто така сериозен проблем. Имено, според него, просечната оценка на студирање што ја имаат постигнато студентите со новиот систем на школување не е релна, а уште помалку еднаква или на исто ниво со просекот што го постигнале студентите кои завршиле со претходниот традиционален начин на студирање.
“Ќе се запрашате на што се должи разликата во квалитетот на знаења кај студентите со иста просечна оцена на студирање кои завршиле на различен начин на студирање? Како прво тоа се должи на неможноста на наставниот кадар да направи проверка на оригиналноста на изработените семинарски трудови, превод на стручна литература, есеи, прикази на случаи и слично, преку кои студентите се стекнуваат со бодови кои се земаат предвид при формирањето на конечната оценка од одредена предметна програма. Како резултат на споменатото, имаме  нереална оцена на студентите”-вели проф. Киткањ.
Дали Одборот за акредитација и евалуација може да одговори на задачата?! Овластувањето на Одборот за акредитација и евалуација во проверката на знаење на студентите, за што се залага Владата е непрофесионално од повеке причини-потенцира универзитетскиот професор Киткањ.Во Македонија вели,  на многу факултети се реализираат нови предметни програми за кои не постојат наставници кои се занимаваат со иста или слична проблематика кои ќе изготват адекватни психометриски тестови, со кои реално би се отсликал степенот на знаење кај студентите.
“Проверката на знаење на студентите од страна на други лица кои не го проучуваат проблемот на одредена предметна програма значи дека тие лица би можеле и да ја реализираат посочената или било која друга предметна програма, за која не се бирани од органите на некоја од високообразовните институции. Меѓу другото, не треба да се заборави дека на многу студиски програми кои немаат доволен број на запишани студенти, им се толерира на степенот на постигнатите резултати, од проста причина, за да се формираат групи во наредните години и семестри”-додава проф.Киткањ.
Проблемот, потенцира професорот е  комплексен и бара  системско решение.
“Како прво намалување на бројот на часови кај наставниците на минимум 6 на додипломските студии, како што е во сите земји кои не опкружуваат,  и 6 часа максимум на мастер студиите. Ангажирањето на наставниците не смее да биде повеќе од 12 часа на додипломски и 6 часа на последипломските студии.На таков начин ќе се добие поголем простор за научно-истражувачка работа чии резултати и нивна компарација со резултати од други истражувања ќе се вметнат во предметните програми. Релевантните фактори треба финансиски редовно да ги покриваат научните истражувања и да им овозможат на факултетите редовно да ги исплаќаат своите вработени за дополнителните ангажмани како проектни активности, магистерски и докторски студии”-додава универзитетскиот професор.
Правото на тестирање и други различни начини на проверка на квалитетот знаењето, според него, најдобро е да остане право на самите работодавци особено  кога станува збор за приватниот сектор. Меѓутоа проблем, вели, се јавува кога проверката на квалитетот и знаењето се прави при заснивањето на работен однос во јавната и државната администрација, која не може реално да се вреднува поради партиските притисоци. Ставот на академската заедница?! Дел од академската заедница јавно и јасно се  произнесе за своитедецидни  ставови против идејата за дополнителна проверка на студентите, бидејќи не веруваат дека на овој начин ќе се подобри ниту знаењето, ниту квалитетот на кадрите кои излегуваат од високообразовните институции. Но, добар дел од универзитетските професори сеуште јавно не излегуваат со свој став, иако тоа е нивна морална и професионална должност. Дел од објаснувањата, меѓу другите и на Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски,  се дека немаат конкретен предлог по кој би дискутирале, иако надлежните од самиот почеток ја најавија идејата која веќе деновиве доби и нацрт верзија. Проблемите за овој и слични проекти кои ја загрозуваат автономијата на универзитетот и академската слобода треба да се бараат не само кај релевантните фактори,  туку и кај академската заедница која останува глува за многу нелогични политики на власта. Универзитетските професори имаат морална обврска да ги критикуваат политиките на власта кои немаат општествена, научна и економска оправданост-завршува проф Зоран Киткањ. С.Б.
Слично

Поврзани вести