Економија, финансии, бизнис

Контакт

ФАКТОР пресмета: Од 1 јануари значително поскапување на струјата за домаќинствата, помалку ќе плаќаат фирмите

ФАКТОР пресмета: Од 1 јануари значително поскапување на струјата за домаќинствата, помалку ќе плаќаат фирмите

Цената на струјата од 1 јануари останува иста кон ЕВН Хоме, но тоа е така само во просекот. Домаќинствата ќе плаќаат значително поскапо, додека ќе следува забележително намалување на цената за малите потрошувачи (фирмите) кои се на регулираниот пазар. Инаку просечната цена останува иста како и одредената од пред шест месеци - 4,4 денари од киловатчас, со тоа што тие што имаат фирми ќе плаќаат поевтино, а за домовите ќе биде поскапо.

Регулаторната комисија за енергетика вчера на својата веб-страница ја објави одлуката, која најверојатно ќе ја потврди денес на седница. Кај домаќинствата поскапува и евтината струја (ниската тарифа), а цените се зголемуваат во сите четири тарифни блокови.

Евтината струја за домаќинствата поскапува за 2,15 пати и прифатената цена е 1,32 денари од киловатчас. Првиот блок поскапува за 8 отсто (4,72 денари за киловатчас), а и вториот (5,15 денари) за 10 проценти, иако овие беа наменети за оние што штедат и како маргинализирани не ги пречекоруваат границите на опуштено трошење. Третиот блок е поскап за нешто повеќе од 13 отсто, додека четвртиот, оној луксузниот, се зголемува за 15 проценти. Во прилог следува табелата:

Од приказот, споредувајќи ја одобрената тарифа од страна на РКЕ за втората половина од 2022, кај малите потрошувачи ќе има намалување на цената за 25 отсто во висока тарифа (11,05 денари за киловатчас) и поевтинување за речиси 25 отсто на евтината струја (8,1 денари).

Во одлуката која веќе е прифатена од РКЕ, а од денес треба само да биде потврдена, има значително поевтинување на преносот и дистрибуцијата, односно на она што се вика мрежарина во конечната фактура што ја плаќа граѓанинот. 

Конечниот збор ќе го има регулаторот, бидејќи треба да се пресметаат и параметрите од другите компании. РКЕ смета дека цената за Електродистрибуција (за загуби на електрична енергија) треба да се намали за 19.7 отсто и да не му се прифати барањето на операторот на системот за пренос на електрична енергија МЕПСО за зголемување на тарифата од 29 отсто. 

Цената на ЕСМ по која ќе му ја продава струјата на ЕВН не е објавена, но од претходно е најавено дека ќе се бара зголемување на 56 евра наместо досегашните 48 евра за мегаватчас. Дополнително, натежнува и ДДВ-то кое од 1 јануари наместо 5, ќе биде 10 отсто.

Александар Кузмановски

Слично

Поврзани вести