Фактор дознава: Пропадна зделката, на Загребска берза „пред нос“ и ги купија акциите на Еуростандард банка во Македонска берза
Пропадна намерата Загребската берза да го зголеми сопственичкото учество во Македонска берза. Тие 276 акции кои во берзата ги поседуваше пропадната Еуростандард банка, а за чие преземање берзата од Загреб уште во март годинава доби согласност да ги купи, сега се во нечии други раце, дознава Фактор. Во четвртокот се одржа продажба на големи пакети акции кои банката на Трифун Костовски ги поседуваше во неколку домашни компании, а на продажба беа понудени и тие од Македонска берза. Сепак и покрај намерата тие да станат дел од сопственичкото портфолио на Загребската берза тоа не се случило. Друг сопственик за нив искеширал по 63.000 денари за акција (повеќе од почетната цена) или вкупно 17.288.000 денари (281 илјади евра). Дека има нов сопственик официјално ќе стане јасно три дена по трансакцијата, денови кои се потребни за порамнување. Затоа од Македонска берза и официјално не го коментираа овој развој на настаните. За новиот газда немаше потреба од согласност од Комисијата за хартии од вредност затоа што согласноста се изадава само кога сопствеништвото преминува над 10 отсто од вкупниот број акции. Овие 276 акции се точно 9,89 од берзата. Ако ги купеше Загребската берза тогаш таа во Македонска берза ќе поседуваше 15,19 отсто затоа што таа веќе поседува 5,3 проценти. Во меѓувреме во мај годинава Ивана Гажиќ, актуелната директорка на Загребската берза беше избрана за нов неизвршен член на Одборот на директори на Македонска берза, а како таа ќе го коментира ова, ќе се знае по порамнувањето.
Инаку на јавната берзанска аукција на која се продаваа акции во Еуростандард банка, според информациите на Фактор, продадени се сите од пакетот во Гранит. Стануваше збор за 8.152 акции. Постигната е цена од 1.310 денари иако почетната цена беше 1.250 денари. Вкупната вредност на трансакацијата е 10.679.120 денари.
Се продале и сите акции од КИБС кои инаку се продаваа на парче. Продадени се 632 акции по цена од 15.007 денари за вкупно 9.484.424 денари.

Во пакет се нудеа и 160 обични акции од Реплек АД Скопје што претставува 0,62 отсто од основната главнина на друштвото. Почетната продажна цена беше 105.000 денари по акција.
Александра Томиќ
