„Фактор“ дознава: „Креди Јес“ е финансиското друштво за брзи кредити кое државата го затвора
„Креди Јес“ е финансиското друштво за брзи кредити на кое Министерството за финансии поради неправилности во работењето му ја одзеде лиценцата за работа.
Финансиското друштво, зад кое стојат сопственици од Бугарија, ги затвора своите 40-тина филијали низ земјата, а исто така околу 120-тмина вработени добиле известување дека работењето е прекинато. Единствено „Креди Јес“ ќе има право како понатамошна активност да ги наплаќа своите побарувања.
„Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги.
Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво.“, објави министерството.
„Креди јес“ започна со работа во Македонија во 2019. За минатата година од околу 4 милиони евра приходи, направи добивка од околу 1,15 милиони евра.
А.К.
