ФАКТОР ДОЗНАВА: Душан Пецовски е нов генерален директор на Реплек, заврши доминацијата на Туџарови во компанијата
Душан Пецовски е новиот генерален директор на „Реплек“, дознава Фактор. Вчера е избран за претседател на новиот Управен одбор на фармацевтската компанија, откако на седница на Надзорниот одбор се гласало за избор на новото раководство на моќната фирма. Пецовски ќе раководи со „Реплек“, неколку месеци по обидот акционери да донесат промени на менаџментот чија работа, според поголемиот дел од нив, не беше задоволителна. Со ова престанува долгогодишното менаџирање на Реплек од страна на семејството Туџарови и ова е прв пат во историјата на ваков начин да се сменат првите луѓе во една компанија.
Сепак Иван Руџаров довчерашниот прв човек сега ќе биде член на Управниот одбор, а останати членови се и Цане Талевски, Александар Томовски, Коста Котески.
Ваквиот расплет на настаните следува по изборот на новиот Надзорен одбор изгласан на седницата на 22 септември од страна на Собранието на акционери. Нови членови на Надзорен одбор се Антонио Георгиевски, Славица Туџарова Трајковска, Петар Андреевски и Владимир Гашевски. Токму тие вчера кренаа рака и гласаа “за“ новите членови на Управниот одбор. Овие промени пак следуваа по извесни акционерски смени.
Душан Пецовски е еден од најголемите поединечни акционери во Реплек односно сега поседува 11,92 отсто од акциите во друштвото. Тој и брат му беа едни од главните актери за промени во друштвото пролетоска. Некои турбуленции настанаа кога раководството предложи да се дели годинава дел од добивката на друштвото како дивиденда, во нето износ од 2.153 денари по акција, а награда за раководниот тим од 13,7 милиони денари. Висината на дивидендата тогаш беше причина за незадоволство на дел од акционерите кои пак на Акционерското собрание не го усвоија веднаш со потребниот број гласови Извештајот за работата на Управниот и Надзорниот одбор, по што дури и висеше позицијата на првите луѓе. На продолжението на Собранието, сепак, по некое време извештаите беа усвоени. Но, Иван Туџаров по неколку месеци поднесе оставка и поголем дел од акциите му префрли на синот.
Александра Томиќ
