ФАКТОР АНКЕТА МЕЃУ ПРОФЕСОРИТЕ: За и Против екстерното тестирање!
Изминативе денови на Фактор можеа да се прочитаат ставовите на многу професори во однос на идејата за екстерното студирање. Во овој преглед може да ги видите најинтересните извадоци од ставовите на интелектуалната фела.
Небојша Вилиќ: Се загрозува автономијата
„Парадоксот на овој начин на вреднување или како што го велат – евалуација, а би требало, според правописот на македонскиот литературен јазик, евалвација, е токму во спротивставувањето на структурата на оценувањето а оценувањето е вреднување во ЕКТС. Според овој систем во проверката и оценката на знаењата на колегата-студент влегуваат тековни активности кои ги изработува во текот на семестарот и завршно оценување кое во зависност од одлуката на наставникот се врши писмено или усно, со сооднос, на пример, 70-30%, и токму нивниот збир ја одредува конечната оценка. Како тогаш, без разлика и да се испрограмира и најсофистицираниот софтвер со 2 милијарди прашања, ќе се внесат 70% поени кои колегата-студент ги добил заради неговите тековни активности? Конечно, проверката, вреднувањето како веродостојност на акумулирањето знаење на студентот дополнително или посредно зафаќа во проверката на вреднувањето и на наставникот. И тука настанува загрозувањето на автономијата на наставникот, а оттука и автономноста на универзитетот како установа на знаењето“ - потенцира проф. Вилиќ.
Иван Анастасовски: Нема логика во идејата за екстерно
Со оглед на тоа дека сеуште екстерното оценување на професорите и студентите е во доменот на некој предлог, добро е што студентите го кренаа гласот, ставајќи јасно до знаење дека треба да се земе во предвид и нивниот став. Во оваа фаза, логично е да има реакции и од професорите и од студентите. Јас како професор одговарам за својата програма, кога се акредитира наставна програма, јас давам предлог како ќе изгледа мојот предмет, со тоа ја добивам автономноста. Згора на се, високото образование не е задолжително, секој избира дали ќе се запише на факултет или не, така што не ја гледам потребата од екстерно тестирање.
Исто така, јас не гледам кој е тој кој може да ја ревидира програмата, од овој аспект сметам дека некој сака да ја девалвира нашата работа. Прашувам дали само најстариот универзитет УКИМ и неговите студенти се најзасегнати од овој процес на екстерно тестирање, каде се другите универзитети, затоа што законот ќе важи за сите.
Како и да е не гледам логичност во една ваква идеја за екстерно оценување. Автономијата мора да се заштитува.
Илија Ацевски: Екстерното ќе донесе квалитет
Лично, екстерното оценување на универзитетите не го сметам за постапка кое самото по себе ќе донесе квалитет, но кога нема друг инструмент за подигање на квалитетот, ова го сметам за најефтиниот и најкраткиот начин за да се подобри квалитетот на Универзитетите.
Сепак, јас немам одговор на прашањето кој ќе го спроведува екстерното на Универзитетите. Во секој случај почнува тешка расправа, оваа можност се гледа како најмека, но да ја нема правослиноста, во смисла на отпишување на студенти од факултетите и сл. Сите сме согласни дека е опаднат квалитетот на Универзитетите, дека резултатите се слаби, токму затоа треба да се превземе нешто.
Протестот на студентите може да се смета за масовен. Но, мене ме загрижува нешто друго. Јас вчера сретнав две групи на студенти. Едната група не знае вопшто за што станува збор, другата група има отприлика претстава, но не знае точно за што се работи.
Татјана Стојаноска Иванова: ставовите на предлагачите се неконзистентни
За реформите кои се предлагаат и за мојот став против екстерното пишував во повеќе прилики, но сега, пред се заради нечујноста на моите согледувања од страна на некои колеги, за да им биде на сите појасно, ќе го изложам она што е најсуштествено и најзначајно. Студирањето е доброволно, не задолжително и секој има право да направи избор дали ќе се наобразува или не, тоа е негово основно право.
Исто така се студира според болоњскиот кредит трансфер систем а тоа подразбира можност предмет од прва година да се полага на крај-пред завршување на студиите и секако според тој начин на студирање не се вреднува само знаењето-она што е научено туку се вреднува и индивидуална работа, изработка на семинарски трудови, есеи, библиографии, секако дека и низа други активности и на тој начин се оформува комплет оценката. Има уште многу зашто и затоа, но тоа во некоја друга прилика, она што сега е интересно и значајно е неконзистентноста на ставовите на оние кои предлагаа, најпрво се вели екстерно, потоа проверка на знаење и уште неколку модификации кои верувајте и нам не ни се потполно јасни.
Крсте Шајноски: Политиката да ги тргне рацете од образованието
Очигледно е дека за да се направи пресврт во високото образование потребни се покомплексни, а не парцијални зафати, особено не такви за кои однапред се гледа дека ќе ги влошуваат состојбите. Затоа, ако се’ остане исто, и уште едно преполагање на сите испити од факултетот, нема да донесат подобрување во знаењето. Тоа најмалку може да се очекува од еден испит, иако помпезно наречен и државен (стручни и државни испити се применуваат и сега, но за стекнување на лиценца за работа на определени –лекари, стоматолози, адвокати, судии, нотари ). Нереално е да се очекува тој што добил преодна, па дури и повисока оценка без знаење, незнаењето да го „надокнади“ само со полагање на еден испит. Целта треба да биде да се изгради систем кој ќе генерира студенти со творечко знаење, наспроти учењето на факти и информации кои доминираат во проверките на знаење само преку тестови, на што се сведуваат екстерните испити. Но, за да се пристапи кон тоа неопходно е политиката што поскоро да ги тргне рацете од високото образование, затоа што истото никогаш не било повеќе исполитизирано.
А до тогаш без панични заложувања, не се плашете и не се обидувајте да го загушите студентскиот активизам за кој и самите сте свесни дека во случајов нема никаков политички предзнак.
Горазд Росоклија - Да за екстерно тестирање Според последните податоци изнесени минатата недела, македонските студенти имаат најниско ниво на знаење во споредба со студентите од сите други европски земји. Ако кон тоа се додаде дека само 7% од македонската популација има после гимназиско образование, прашањето ,,зошто треба да се воведе екстерно оценување” е надвор од реалноста на земјата. Алтерантивата е да продолжиме да тонеме во незнаење и неписменост.
Екстерното оценување, или државниот испит, не е решение на проблемите со кои се соочуваме во високото образование, но е неопходно како мерка со која ќе започне гаснењето на пожарот. На образованието му се потребни длабоки и болни реформи. Тие треба да започнат со ригорозни критериуми во изборот на професорскиот кадар, а да завршат со општествено вреднување на добрите студенти, не преку формални награди, туку преку нивно вработување на позиции на кои тие лично ќе напредуваат и ќе го движат напред целото општество.
Јасмина Делчева Болоњскиот систем не дозволува екстерно
НЕ за екстерно тестирање на Универзитетите, децидно ги подржувам студентите. Болоњскиот систем не дозволува екстерно тестирање, бидејќи се пренесуваат кредити. Ова е рушење на автономијата на Универзитетот, недоверба.
Ако е целта подобрување на квалитетот, огаш надлежните нека почнат прво со укинување на дисперзираните студии во секое село и ако имаат ингеренции нека направат поголема контрола и на приватните универзитети.
Се сомневам дека и за нив важат истите правила како и кај УКИМ. Студентите нас не оценуваат секоја година, во таа смисла сметам дека екстерното е непотребно. Точно е дека е опаднат квалитетот на универзитетите, но мора да се врати достоинството и на професорската фела и на студентите. Неопходни се корекции во повеќе сфери.
Слично
