Фајненс тинк: БДП во 2022 - 2,8 отсто, годишна инфлација 9,7 проценти
Во првиот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2,4 проценти на годишна основа, пишува Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Според нивната анализа, овој раст е остварен на ниска споредбена основа од К1-2021, но е сличен на динамиката од 2021 година, укажувајќи на понатамошна умерена пост-пандемиска консолидација на економските текови.
- На ова укажува и растот од 11,2 отсто во секторите трговија, транспорт и хотелиерство, кои беа најизложени на затварањата на економијата во текот на пандемијата. Кај останатите сектори, растот во К1-2022 е стагнантен, што е особено забележливо кај земјоделството (0,3 отсто) и преработувачката индустрија (0,2 проценти), додека градежништвото забележа значителен пад од 17,2 отсто. Растот на извозот и увозот забрза, на 11,1 отсто и 24,4 проценти, соодветно, што е одраз на олабавувањето на тесните грла во глобалните синџири на снабдување од почетокот на годината, а пред Руската инвазија врз Украина. Бруто инвестициите (38,6 отсто) бележат значајно понатамошно закрепнување. Стабилизацијата на пазарот на труд и растот на платите ја поддржаа приватната потрошувачка (4,9 проценти), додека јавната потрошувачка (0,5 отсто) во овој квартал одразува фискална консолидација при реализација на иницијално планираниот буџетски дефицит во износ од 19,9 проценти - појаснуваат во соопштението.
Од „Фајненс тинк“ укажуваат дека невработеноста во првиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14,8 отсто од претходните 15,2 проценти (К4-2021). Но, се намали и вработеноста, од 47,3 на 47,1 отсто.
- Овие остварувања се резултат на понатамошното пасивизирање на населението (пад на стапката на активност од 55,7 на 55,3 проценти помеѓу два квартала). Во првиот квартал од 2022, инфлацијата се искачи на 7,7 отсто на годишна основа. Овој раст на цените е скоро во целост движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување и ресторанско-хотелски услуги. Неизвесноста во економијата значајно се засили по Руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022. Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози - се наведува во анализата.
Оттука, „Фајненс тинк“ надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2,8 процнети, додека годишната инфлација се проектира на 9,7 отсто.
