ФАБРИКА ЗА ФАЛСИФИКАТИ: Во Скопје се штанцале лажни лични карти и бугарски пасоши
Специјалното јавно обвинителство не соопшти повеќе детали околу вчерашното откривање на тајната работилница за фалсификување лични документи.
До сега се знае дека три лица се приведени за печатење на 105 лични карти, бугарски пасоши и тајни швајцарски сметки.
Од друга страна пак, неделникот Фокус, пишува дека едно лице кај кое при полицискиот претрес се откриени материјали кои упатуваат на фласификување лични документи е ослободено и не му е одреден притвор.
Јавното обвинителство и натаму останува на ставот дека во наредните денови јавноста ќе има можност да слушне нешто повеќе за целата заднина на случајот, односно за тоа дали овие лични карти биле користени за време на изборите.
Од министерството за внатрешни работи пак, исто така не сакаа да дадат повеќе информации околу аферата за фалсификуваните лични карти. Министерот Оливер Спасовски изјави само дека засега остануваат на она што го соошти Јавното обвинителство и дека нема да коментира додека не заврши истрагата.
Инаку, аферата за фалсификуваните лични карти ја отвори неделникот Фокус, а фалсификуваните лични карти му ги предадоа на министерот за внатрешни Спасовски. Додека траеше истрагата Спасовски информираше дека вештачењето покажало дека од 105 лични карти 90 биле лажни, со украден идентитет на жители во Куманово, Кичево, Гостивар и Штип.
