Економија, финансии, бизнис

Контакт

Езерата и реките одат под концесија за риболов

Езерата и реките одат под концесија за риболов
Водите на Преспанското, Тиквешкото и дел од Охридското Езеро како и водите на шест акумулации и повеќе сливови на реки одат под концесија за риболов. Постапката е почната, а повикот е објавен пред десетина дена и се однесува на три концесии за стопански риболов и 25 за рекреативен риболов. Концесиите се даваат на рок од шест години, а за првпат ќе бидат распределени по електронски пат. Концесиите за стопански риболов се однесуваат за Преспанското Езеро, Тиквешкото и Охридското Езеро на потегот од ХЕЦ „Глобочица“ до местото Далјан во Струга.

Минималниот  надомест за концесијата на Преспанското Езеро изнесува 8,952 милиони денари, за Тиквешкото 1,175 милиони денари и за Охридското 600 илјади денари.

Крајниот рок за доставување понуди е 17 март. На повикот може да се јават субјекти кои се регистрирани во областа рибарство, а кои според условите треба да достават завршна сметка за состојбата на работењето, да имаат или остварено договор со стручна научно-образовна установа од областа на рибарството или во рамките на својот субјект да имаат вработен кадар со образование од областа на рибарството, како и да ги исполнат обврските во однос на поседување опрема, рибочувари, одржување на рибниот фонд и слично.

„Ги повикуваме сите заинтересирани да ја искористат оваа можност, да ги искористат условите што се понудени, да конкурираат, да се стекнат со можноста да стопанисуваат со овие риболовни подрачја и на тој начин да овозможат бенефит за нивните стопански субјекти и дадат придонес кон локалниот економски развој и се разбира отворење нови работни места“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Концесиите за рекреативниот риболов се однесуваат на Преспанското Езеро, акумулациите Водоча, Глажња, Липково, Тиквешко Езеро, Црничани, Глобочица, Матка, Треска, како и на сливот на реките Вардар горно, средно и долно течение, слив на река Треска, слив на Пчиња, Црна Река, Брегалница, Струмица, Црн Дрим и сливот на Преспанското Езеро.

Концесијата, исто така, се дава на шест години, а крајниот рок за доставување понуда е 17 март. Концесискиот надомест за рекреативниот риболов е 10 проценти од наплатениот надоместок за вкупно издадените дозволи на годишно ниво. Годишната дозвола што ја издаваат риболовните друштва просечно чини околу 500 денари, а во земјата се регистрирани околу 80 риболовни друштва.

Еден од критериумите за избор на концесионер за рекреативен риболов е вкупниот број членови на риболовните друштва, како и водењето грижа за одржување на рибниот фонд на одредено ниво.

Слично

Поврзани вести