Евтини финти за скапа политичка пропаганда!
Младите постојано се мета на заведување со националистички идеи, постапки и пароли како целна група за лесна манипулација. Последниве десетина години се посегнува по национализмите како одбранбено средство за немоќта на политичките партии кои и во своите програми го имаат потенцирано национализмот како идеологија за добивање на политички поени- вели за Фактор, Владо Димовски- Генерален секретар на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци. Меѓуетничките односи во Македонија според него се на кревки нозе подолго време, па оттука потребна е само мала искра и поттик за да се запали како што вели и онака “лесноумната” партиска војска која во сите вакви случувања е и жртва.
“Секогаш, ама баш секогаш во предизборен циклус, било тоа да се парламентарни или локани избори последниве десетина години се посегнува по национализмите како одбранбено средство за немоќта на политичките партии кои и во своите програми го имаат потенцирано национализмот како идеологија за добивање на политички поени. Секако водени од платени партиски водачи кои на младите им сервираат мени подготвено во партиските кујни со цел да се искористат во политички цели”- вели професорот Димовски.
Јавниот простор последниве децении наместо урбанисти и архитекти го цртаат политичари, па често спомен обележјата наместо културна вертикала стануваат политичка иконографија. Скопски Бутел доби камен темелник за монтажен крст висок 50 метри, откако Топанско поле доби двоглав орел. Во општина Сарај е доставена Иницијатива за поставување 50-метарски јарбол со албанско знаме и нова џамија во Матка која ќе се најде пред советниците на оваа скопска општина. Според Димовски нема дилеми дека намерно се поставуваат националистички објекти како дефокус од актуелната политичка криза и безидејноста на партиите на власт. Тој очекува како ќе се ближат изборите и политичката кампања на партиите, така тие бескрупулозно да играат на националистичка карта и да го подгреваат национализмот како момент за спасување на сопствената кожа.
“Овие состојби со потпалување на кревките меѓуетнички односи, провоцирање инциденти и разгорување на меѓуетнички тензии можат да ги запрат само раководствата на политичките партии кои не само декларативно да се оградат од ваквите намерно предизвикани инциденти туку и искрено тоа да го направат. Тој процес тешко ќе оди бидејќи самите раководства на политичките партии поготово овие кои сега се на власт најголем резултат на изборите очекуваат токму со потпалување на меѓуетничките односи.Во ваквите моментални состојби треба само да преовлада разумот кај граѓаните кои не се веќе мали деца и однапред ги разбираат валканите националистички игри на владеачките партии”-додава Владо Димовски.
Меѓуетнички инциденти Димовски ги оценува како режирани судири со кои се подига слабиот рејтинг на партиите. Лесно е вели да се предизвикаат вакви инциденти со подигање на верски или национални обележја, но многу потешко е да се врати контролата и довербата. Затоа порачува младите да не подлегнуваат на провокациите и притисокот бидејќи можат да бидат само колатерална штета за партиско-политички интереси.
“Впрочем само тоа и им остана на политичките партии од власта кои ја вовлекоа државава во тешки финансиски и политички кризи. Свежи се сеќавањата на немилите изрежирани настани на Скопското кале, на Битпазар и во Ѓорче Петров кои како беа подготвувани, спроведувани така и брзо престанаа за ден два колку да се сврти вниманието од покрупните проблеми во државава. Меѓуетнички судири не се оние кои се подготвуваат од денес за утре и завршуваат од денес за утре. Тоа се само политички инсценирани меѓуетнички судири кои немаат подолгосежни последици од неколку удрени шамари, мали измислени и изрежирани повреди. Нашите истражувања и искуства покажуваат дека со вакви не до крај испланирани инциденти не се постигнува голем ефект во собирањето на политички поени.Помина и замина времето на национализми во Македонија. Граѓаните во Р Македонија веќе не купуваат ефтини финти засновани на нацинализам. Ниедна политичка партија во Македонија понатаму не ќе може да собира политички поени со националистички пораки или дела. Помина времето на „гасните комори„ или „сапуните„ од минатите кампањи на владечкиве структури”-објаснува генералниот секретар на Центарот за меѓуетничка толеранција и бегалци.
Младите според Димовски се најранливата и најлесно заведувана категорија од страна на политичките лидери кои вели или сакаат вечно да владеат или да си ја спасат сопствената кожа, без око да им трепне дека поради политички сценарија и интереси може да страдаат млади луѓе кои се иднината на една држава. Затоа порачува:
“Mладите партиски перјаници да не наседнуваат на политички и националистички провокации туку малку подлабоко да ги анализираат лидерските потези со кои политичарите ја спасуваат својата кожа. Никакви цркви, џамии,орли и крстови нема да ни ја подобрат сегашнава безизлезна состојба во која длабоко е западната нашава држава!”
С.Б.
Слично
