Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еврото на највисоко ниво во однос на доларот од август

Еврото на највисоко ниво во однос на доларот од август

По неколкумесечната трка меѓу доларот и еврото, позициите на двете валути повторно се променија. Доларот бележи надолна патека, а денеска го имаше најголемиот еднодневен пад во последните седум години, откако податоците покажаа забавена инфлација во САД во октомври, намалувајќи ја веројатноста дека Федералните резерви ќе продолжи агресивно да ги зголемува клучните каматни стапки.

Инфлацијата во САД во октомври изнесувала 7,7 отсто на годишна основа, што е нејзин најбавен раст од јануари и помалку од пазарните прогнози дека ќе изнесува 8,0 отсто.

Во четвртокот, доларот го забележа најголемиот еднодневен пад од крајот на 2015 година, повлечен од намалувањето на приносите на американските државни обврзници, додека другите валути - јен, фунта, евро пораснаа.

Еврото продолжи со растот од претходниот ден, кога порасна за 2,0 отсто во однос на доларот, зголемувајќи се за нови 0,3 отсто денеска на 1,0245 долари, што е највисоко ниво од август.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американската валута во однос на кошницата на големи ривали, потона за речиси 0,5 отсто, додека ризичните средства вклучувајќи акции, валути на пазарите во развој и стоки пораснаа. Забавувањето на американската инфлација, иако позитивно за позајмувачите, го одразува опкружувањето на економското забавување на САД, според аналитичарите.

Доларот порасна за 12 отсто оваа година во однос на кошницата на ривалски валути, во светло на решителната акција на ФЕД да ја врати инфлацијата, која достигна речиси двоцифрена на почетокот на оваа година, на целното ниво од 2,0 отсто.

Другите централни банки го следеа водството на ФЕД, со исклучок на Банката на Јапонија, што резултираше со најголем пад на јенот во однос на доларот од 1979 година.

Доларот, кој оваа година порасна за 22 отсто во однос на јенот, најмногу од 1979 година кога порасна за 24 отсто, денеска падна за 0,3 отсто во однос на јапонската валута на 140,60 јени.

Апетитот на инвеститорите за инвестирање во ризични средства беше дополнително зголемен со одлуката на кинеските здравствени власти да олабават некои од строгите ограничувања за коронавирусот во земјата, вклучително и скратување на периодот на карантин за пациентите со корона и за патниците кои доаѓаат во Кина.

Тоа придонесе јуанот да скокне за дури 1,3 отсто денес на 7,0592 јуани за долар, што е највисоко ниво во повеќе од еден месец.

Британската фунта намали некои од своите загуби во текот на ноќта во однос на доларот, откако податоците покажаа дека економијата се намалила помалку од очекуваното во третиот квартал, иако земјата е на работ да влезе во рецесија која се очекува да биде долготрајна.

Фунтата порасна за 0,1 отсто на 1,1718 долари, додека во однос на еврото падна за 0,4 отсто на 87,40 пени.

Криптовалутите се под силен притисок поради тековните превирања по колапсот на берзата FTX. Оригиналниот токен на оваа размена, FTT, падна за 9,0 отсто на 3.366 долари, а од почетокот на овој месец изгуби речиси 90 отсто од својата вредност.

Биткоинот денеска падна и за 1,2 отсто на 17.344 долари. Најстарата криптовалута во светот падна под 16.000 долари претходно оваа недела, за прв пат од крајот на 2020 година.

Слично

Поврзани вести