Економија, финансии, бизнис

Контакт

Еврото добива ново лице: Банкнотите се освежуваат по повеќе од две децении

Еврото добива ново лице: Банкнотите се освежуваат по повеќе од две децении

Се приближува важен момент во процесот што ќе доведе до новиот изглед на евро банкнотите.

На крајот на април оваа година истекува рокот за меѓународниот натпревар за дизајн на идната серија, со што почнува клучна фаза на промени што ќе биде видлива во секојдневниот живот на граѓаните низ цела Европа во наредните години.

Промената има за цел да го освежи изгледот на банкнотите по повеќе од две децении од нивното воведување, а воедно да ги задржи високите стандарди за безбедност, достапност и еколошка одржливост.

Еврото влезе во оптек на 1 јануари 2002 година, а првата голема промена дојде со серијата „Европа“, која постепено се воведува од 2013 година, со подобрени материјали и заштита од фалсификување. 

Уште во 2021 година беше објавено дека дизајнот ќе биде модернизиран, така што банкнотите подобро ќе го одразуваат современиот европски идентитет. Идејата не е само естетска, целта е парите да бидат симбол на заедничките вредности и разновидноста на земјите.

Новата серија ќе задржи шест апоени, од пет до 200 евра, додека банкнотата од 500 евра, која веќе е повлечена од оптек поради безбедносни причини и ретка употреба, нема да биде вратена.

Кога станува збор за изгледот, се издвојуваат две тематски целини: европска култура и реки и птици. Дизајнерите кои учествуваат во натпреварот имаат задача да презентираат идеи кои се препознатливи, функционални и визуелно впечатливи преку овие мотиви.

По затворањето на натпреварот, независно стручно жири ќе избере до десет најдобри решенија, кои потоа ќе бидат разгледани од страна на Управниот совет на Европската централна банка. Во текот на 2026 година, планирано е вклучување на граѓаните преку јавни консултации.

Конечната одлука за изгледот на новите банкноти се очекува до крајот на годината. Дури потоа ќе се знае кога ќе започне нивното производство, додека ќе бидат потребни уште неколку години за да влезат во оптек.

Иако промените нема да бидат веднаш, процесот е веќе во тек, а новиот изглед на еврото ќе го означи следното поглавје во неговата историја.

Слично

Поврзани вести