Економија, финансии, бизнис

Контакт

Спамерите удрија по граѓаните – Сејф сити, лажни награди, пратки и банки: Има ли заштита?

Спамерите удрија по граѓаните – Сејф сити, лажни награди, пратки и банки: Има ли заштита?

Измамници повторно се обидуваат да изнудат од македонските граѓани средства преку лажни пораки за сторен сообраќаен прекршок преку системот Сејф сити на Министерството за внатрешни работи. Иако измамата не беше многу софицистицирана како некои претходни обиди, сепак постои голема можност некој да наседне и да ги сподели личните информации, па дури и да исплати средства директно на сметката на измамниците.

Преку телефонски број од Филипините, кој најверојатно е злоупотребен од страна на спамерите, се испраќаат измамнички лажни пораки за сторен сообраќаен прекршок, создавајќи чувство на ургентност дека треба нешто веднаш да преземете за да ви се намали казната.

„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка, кои потоа претставуваат цел на злоупотреба“, посочуваат од МВР.

Досега известувањата за сообраќајни прекршоци кои ги регистрирал системот Сејф сити пристигнуваа преку СМС порака и преку електронска пошта до носителот на регистрацијата со која е управувано моторното возило. Така што за да бидете сигурни дека станува збор за измама проверете ги и СМС пораките и електронските пораки каде пристигнува записникот за сторениот сообраќаен прекршок, времето и местото каде ве регистрирала камера на Сејф сити, видот на прекршокот, износот на глобата или казната и начинот на нејзино подмирување. Единствениот валиден домен  е safecountry.mvr.gov.mk од каде пристигнуваат известувањата на системот Сејф сити на МВР.

„Секторот за компјутерски криминал при МВР апелира до граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и прикачени документи во прилог на пораки што не доаѓаат од верификувани и за нив познати испраќачи со цел да не наседнуваат на измами од ваков тип“, известуваат од МВР.

Претходните фишинг напади преку СМС пораки се однесуваа и на лажни пратки од Македонски пошти или друг поштенски сервис. Имајќи предвид дека голем број македонски граѓани нарачуваат онлајн, многумина лесно наседнаа на пораките во кои пишуваше дека адресата која ја внеле е нецелосна и дека треба да доплатат некоја ситна сума за извршување на пратката.

Чести измами се преку пораки надополнети преку лажни страни на социјалните мрежи кои имитираат познати брендови или синџири на маркети за наводна наградна игра. Кај овие фишинг напади најчесто не се бараат парични средства, туку внесување на личните податоци, а некогаш се и побанални измамите како на пример вештачки ангажман на спорните страници на социјалните мрежи чии имиња потоа се менуваат и се користат за сосема друга намена.

Ако забележите дека на вашата електронска адреса стигнуваат нотификации дека некој се обидува да го промени пасвордот на е-мејлот веднаш преземете безбедносни мерки како на пример двофакторска автентикација за влез во апликациите и сервисите кои ги користите исто како на принципот на кој се најавувате во вашата е-банка.

Може сами да ја промените лозинката која ја користите за логирање на е-мејл адресата или другите клучни апликации каде постои ризик дека измамниците ги добиле вашите лични податоци.

Можете да го пријавите случајот во најблиската полициска станица или на мејл адресата на Секторот за компјутерски криминал: cybercrime@moi.gov.mk. Превентивно може да ги блокирате и трансакциите од платежната банкарска картичка додека не бидете сигурни дека измамниците го завршиле нападот безуспешно.

Тоа што не треба никако да го направите е да кликате на сомнителни СМС или е-мејл пораки, да ги отварате линковите кои се внесени во содржината и да не споделувате лични податоци како на пример датум на раѓање, адреса на живеење, матичен број, пол, возраст, итн.

Без оглед на распространетоста на овие обиди за фишинг напади, бројот на пријавени случаи до надлежните институции е многу низок, најчесто затоа што во прашање биле ниски суми или проблемите се решавале преку банките.

Според Извештаите за глобален сајбер-криминал за последната година се проценува дека фишинг нападите се зголемиле за околу 30 отсто со оглед на примената на алатките на вештачка интелигенција кои овозможуваат многу пософистициран изглед на лажните пораки, па затоа овој проблем не смее да се игнорира и занемарува. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести