Европските пари за земјоделците скусени – признаа властите
По една недела молк, директорката на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството призна дека буџетот за ИПАРД II програмата е намален во однос на ИПАРД I програмата, објави Алсат М.
Алсат – М веќе објави дека Европската Комисија го намалила буџетот за земјоделците, и дека ново кратење засега не е планирано.
„Овие средства се преговарани со Европската Комисија во текот на 2014 – та и 2015 – та година и иако буџетот е помал од првиот програмски период, не се работи за кратење на средства поради моменталната политичка ситуација, ниту пак се работи за казна, “- вели Билјана Вуковиќ, директор на АФПЗР.
Сега, земјоделците ќе имаат неколку десетици милиони евра помалку на располагање од европските пари. Односно, со ИПАРД I програмата, која се спроведуваше од 2007 до 2013 година, на Македонија и беа доделени 85,6 милиони евра. Со новата ИПАРД II програма од 2014 до 2020 година – сумата е скусена.
„Вкупната сума која е на располагање како дел на Европската комисија е 60,3 милиони евра. На таа сума се додава 25% национално учество кое сега изнесува 15 милиони евра. Што значи вкупна сума на располагање на земјоделците е 75,3 милиони евра“- објаснува во писмениот допис Вуковиќ.
ИПАРД I 85,6 милиони евра ИПАРД II буџет на ЕУ 60,3 милиони евра буџет на РМ 15,0 милиони евра Европската Комисија ги скусила средствата поради проблеми со слабата искористеност на предвидената сума од првата седумгодишна програма. А токму отсуството на политичка волја за спроведување на реформи беа клучни причини поради кои на земјата и стопирани пари од ИПА фондовоте во износ од 100 милиони евра.
