Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европската комисија откри што ја спаси македонската економија оваа година

Европската комисија откри што ја спаси македонската економија оваа година

Европската комисија во есенскиот извештај за Македонија што го објави вчера констатира дека „минималниот“ но сепак значаен економски раст на земјата оваа година се должи на извозот што го оствариле македонските компании, а најмногу странските инвеститори со 53 отсто учество. Тоа, според ЕК, во 2018-та го неутрализирал големиот пад на инвестициите и ќе се оствари пораст на БДП од 2,1 отсто оваа година.

Инвестициската клима се очекува да продолжи со зајакнување на корпоративните кредити и значителни јавни субвенции од страна на државата кон компаниите. Владата е решена да ги реши недостатоците во деловното опкружување и да се расчисти патот за членство во ЕУ. Транспортните проекти, кои беа заглавени во текот на летото, се очекува да продолжат пред крајот на 2018 година. Се очекува ликвидноста на компаниите да има корист од расчистувањето на владата со заостанати долгови кон претпријатијата, чие финансирање е зголемено преку ребаланс на буџетот за октомври. 

Трошењето на домаќинствата ќе се зголемува и ќе се создаваат нови работни места, додека растот на платите ќе продолжи со стабилно темпо. Социјалните трансфери се зголемени за 8 отсто во првите осум месеци од годината и владата ги зголеми платите за јавните здравствени и образовни работници за 5% од септември 2018 година. Кредитите кои банките им ги даваат на домаќинствата продолжуваат да растат и тие се зголемени за 9 отсто во однос на истиот период лани. Фискалните ризици и натаму постојат и може да ја загрозат консолидацијата и извршувањето на капитални проекти кои го зајакнуваат развојот. 

Иако има силен пораст на собирањето на даноците и придонесите за 7 отсто, буџетскиот дефицит останува на истиот курс во текот на осумте месеци од оваа година. Во 2018-та владиниот долг ќе биде 42,2 отсто од БДП, додека во 2020 тој ќе се зголеми на 45,7 отсто.

- Владата е посветена на фискална консолидација, планира да го намали буџетскиот дефицит на владиниот буџет до 2% до 2021 година од 2,7% во 2017 година. Сепак останува ризичен најавениот нов систем на социјална и детска заштита од  минимум гарантиран приходот и како ќе се обезбедат средства за овие трансфери - се вели во извештајот.

Стапката на зголемување на вработеноста останува стабилна и дополнително ќе биде поддржана од владини субвенции, но бавно ќе оди во производствените сектори во кои доминираат странски инвеститори и се погодени од акутен недостаток на квалификувана работна сила.

Политичката неизвисност може да предизвика  дополнителна недоверба кај инвеститорите и одложување на очекуваните инвестиции.

Ревидирани проекции на раст за 2018-та во Македонија

Европската банка за обнова и развој - 2 % раст

МФ 1,6%

Светска Банка 2,5 % 


Министерство за финансии 2,8%.

Народна банка на РМ 2,3 %. 

Европска комисија 2,1%

                                                                                                        Александар Кузмановски


Слично

Поврзани вести