Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европската енергетска заедница шокирана од одлуката да се одложи либерализацијата на пазарот на струја

Европската енергетска заедница шокирана од одлуката да се одложи либерализацијата на пазарот на струја
Европската енергетска заедница остро реагира на вчерашната одлука на македонската Влада да дозволи одлагање на либерализација на пазарот на електрична енергија до 2020 година. Одлуката на македонската Влада да достави до Парламентот нов предлог-закон за енергетика, со кој ќе ја одложи целосната либерализација на пазарот на електрична енергија до 2020 година е многу јасно прекршување на Договорот за енергетска заедница, со кој се предвидува дека пазарот ќе биде отворен од 1 јануари 2015 година, стои во реакцијата на Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) по вчерашната ненадејна одлука на македонската Влада. „Либерализацијата на пазарот значи дека сите потрошувачи треба да бидат во можност самите да си избираат снабдувач, вклучувајќи ги тука и домаќинствата и малите бизниси. Оваа можност е основно право“, се вели во изјавата потпишана од директорот на Секретаријатот на ЕЕЗ Јанез Копач. Тој денеска му испратил писмо и на македонскиот министер за енергетика Беким Незири за да изрази загриженост за ваквиот потег и да му понуди помош за реализација на либерализацијата. „Објаснувањето за заштита на потрошувачите од страна на македонската Влада, која се обидува да ја оправда оваа јасна мерка за поддршка на  монополска позиција, е целосно погрешно. Има начини да се заштитат домаќинствата и малите потрошувачи од драматично зголемување на цените, кои се многу помалку штетни за пазарот и посоодветни на правилата на Европската енергетска заедница“, посочува Копач. Тој сугерира дека регулаторното тело, на пример, може да продолжи, колку што е потребно, да ги регулира цените без да ги оневозможува корисниците да го искористат своето право да изберат снабдувач. Заштита на потрошувачите, според Копач, може да се обезбеди и преку поддршка на социјално ранливите потрошувачи. „Ако овој предлог-закон се усвои, Секретаријатот на Енергетската заедница ќе покрене постапка против Македонија за прекршување на процедурата веднаш штом ќе помине крајниот рок за целосна либерализација на пазарот на 1 јануари 2015 година. Шокиран сум од оваа одлука, затоа што ние воопшто не бевме информирани, и покрај партнерството кое го потпишавме со Министерството за економија и со Регулаторната комисија за енергетика во 2011 година. Објавата на одлуката беше направена на истиот ден кога Европската комисија го објави извештајот за напредокот за земјата-кандидат за членство во ЕУ. Верувам дека ова не е случајност. Ако овој предлог-закон се објавеше порано, верувам дека оценката во извештајот за Македонија во делот за енергетика ќе беше сосема поинаква“, остро реагира Копач.
Слично

Поврзани вести