Европската десница загрижена за невработеноста, македонската – за името
На маргините на самитoт на Европската народна партија (ЕПП) во Виена, македонскиот премиер Никола Груевски оствари средби со повеќе високи функционери на ЕПП и со премиери на неколку земји-членки на ЕУ, како и неформална средба со германската канцеларка Ангела Меркел.
„Пораката која што за нас е важна да се испрати и во контекст на главниот проблем, кој што не окупира поврзан со блокадата, која што ја имаме за нашето членствово ЕУ и во НАТО од страна на нашиот јужен сосед, но и пошироко за други прашања што се значајни за нас“, изјави Груевски од Виена.
Како главна тема на самитот беше економијата, со акцент на вработувањето на младите бидејќи ЕУ станува се позагрижена од порастот на невработеноста кај младите до 24 години. На самитот беше усвоена декларацијата „Новиот раст и создавање на нови работни места за Европа", во која се нагласува потребата од стимулирање на економскиот развој и создавање на нови работни места за младите.
„Треба да се охрабрат младите преприемачи при основањето на нови компании, а со тоа е поврзана и потребата од подобро образование за идните генерации, подобра координација на образовниот систем и берзата на трудот, како и поголеми вложувања во истражувањата и иновациите", се истакнува во декларацијата.
Покрај премиерот Груевски, со делегацијата во Виена заминаа и министерот за надворешни работи Никола Поповски и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието Владимир Ѓорчев.
ЕПП е најголемата политичка групација во Европскиот парламент, а собира 74 европски партии на десницата во својство на полноправни и придружни членки, како и посматрачи.
Слично
