Европската централна банка по подолго време за прв пат ја зголеми каматната стапка
Инфлацијата во еврозоната минатиот месец достигна 8,1 отсто, што е највисоко ниво откако Евростат почна да објавува податоци во 1997 година. ЕЦБ ја заострува монетарната политика и покрај тоа што очекува послаб економски раст поради војната во Украина.
Европската централна банка (ЕЦБ) ќе ги прекине стимулациите за економијата на еврозоната следниот месец и ќе ги зголеми клучните каматни стапки за да ја ограничи инфлацијата, поттикната од растот на цените на енергијата и храната, како и другите стоки и услуги.
Во меѓувреме, инфлациските притисоци се интензивираа и се проширија, при што цените на многу стоки и услуги сега нагло се зголемуваат, соопшти ЕЦБ, зголемувајќи ја проценката за инфлацијата од 5,1 на 6,8 отсто оваа година.
Зголемена е и прогнозата за инфлацијата за следната година, од 2,1 на 3,5 отсто. Во 2024 година, растот на цените треба да забави до 2,1 отсто, што е за 0,2 процентни поени повеќе од прогнозата на банката во март.
За да ја спречи инфлацијата, ЕЦБ денеска објави дека во јули ќе ги зголеми клучните каматни стапки во еврозоната за четвртина процентен поен. Во моментов основната каматна стапка е нула отсто, каматната стапка на депозитите минус 0,5 отсто.
Тие би можеле повторно да ги подигнат во септември, додаваат, можеби и повеќе од четвртина процентен поен, доколку не се подобрат среднорочните прогнози за инфлацијата.
Банката на тој начин ја заострува монетарната политика и покрај тоа што очекува послаб економски раст поради војната во Украина.
„Неоправданата агресија на Русија против Украина продолжува да врши притисок врз економијата во Европа и светот, предизвикувајќи нарушувања во трговијата, недостиг на суровини и поскапувања на цените на нафтата и суровините на високо ниво“, соопшти ЕЦБ.
ЕЦБ сега очекува раст на економијата на еврозоната за 2,8 отсто оваа година, намалувајќи ја нејзината мартовска прогноза за 0,9 процентни поени. Тие ја намалија и прогнозата за следната година, од 2,8 на 2,1 отсто, а истата стапка на раст ја очекуваат и во 2024 година, потврдувајќи ја прогнозата од почетокот на пролетта.
