ЕВРОПСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА ЌЕ ГИ ЗГОЛЕМУВА КАМАТИТЕ ПОРАНО ОД ОЧЕКУВАНОТО: Доларот слабее, еврото зајакнува
Вредноста на доларот падна на светските берзи, втора недела
по ред, додека еврото зајакна бидејќи Европската централна банка (ЕЦБ) би
можела да ги зголеми каматните стапки порано од очекуваното.
Индексот на доларот, кој го покажува движењето на вредноста на САД во однос на другите шест најважни светски валути, минатата недела падна за 1,3 отсто, на 101,65 поени. Доларот ослабе за 1,5 отсто во однос на европската валута, па цената на еврото скокна на 1,0735 долари.
Курсот на доларот падна и во однос на јапонската валута, за 0,6 отсто, на 127,10 јени. Пред две недели индексот на доларот достигна 105,01 поен, највисоко ниво од 2002 година, но во меѓувреме потона за повеќе од 3 отсто.
Бидејќи инфлацијата во САД е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8 отсто, ФЕД веќе ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени од март.
Сепак, по индикации дека инфлацијата достигна врв во март, бидејќи благо се намали во април, на пазарот преовладаа очекувањата дека ФЕД ќе го забави темпото на зголемување на каматните стапки во втората половина од годината, а можеби дури и ќе го запре циклусот додека не стане појасно како ќе се движи инфлацијата во иднина.
Според тоа, клучните каматни стапки на пазарот сега се очекува да се движат од 2,50 до 2,75 отсто до крајот на годината, додека до неодамна се очекуваше да достигнат 3 отсто. Како резултат на тоа, доларот ослабе. Особено што многу други централни банки ја заоструваат монетарната политика поради високата инфлација.
ЕЦБ најавува зголемување на каматните стапки
Наскоро би можело да следи зголемување на каматните стапки од Европската централна банка (ЕЦБ), бидејќи инфлацијата во еврозоната достигна рекордно ниво.
Крајот на програмата за купување средства на ЕЦБ може да се очекува на почетокот на третиот квартал, објави претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард на својот блог.
„Тоа би ни овозможило да ја зголемиме стапката на нашиот состанок во јули. Врз основа на моменталната перспектива, веројатно ќе бидеме во позиција да излеземе од негативните каматни стапки до крајот на третиот квартал“, напиша Лагард, давајќи најјасна индикација дека ЕЦБ се движи кон првото зголемување на каматните стапки по неколку години.
Така, пазарите очекуваат до септември каматните стапки да се зголемат за 0,50 процентни поени.
Во моментов основната депозитна стапка на централната банка е минус 0,5 отсто, додека основната стапка на рефинансирање е нула. Понатамошното зголемување на стапката ќе зависи од инфлацијата, рече Лагард, предупредувајќи дека „темпото и целокупниот опсег на приспособувањето не можат однапред да се одредат“.
Благодарение на тие најави, европската валута, која со месеци е под притисок поради руската инвазија на Украина и заостанувањето на ЕЦБ во заострувањето на монетарната политика, значително зајакна минатата недела.
ФОТО: ЕПА