Европска Бизнис Асоцијација: Земјата се движи во насока на висока неизвесност и ризичност
Одборот на директори на Европската Бизнис Асоцијација на својот редовен состанок ги разгледуваше економските текови во државата и истите констатираа дека политичката криза во земјата негативно влијае врз економијата, деловната клима и условите за функционирање на бизнисите.
Истовремено голем број на членки информираа дека нивните матични компании од ЕУ со загриженост ги следат состојбите во Република Македонија и се оценува дека земјата се повеќе се движи во насока на висока неизвесност и ризичност.
„Политичката неизвесност и лимитираното функционирање на институциите предизвикува воздржаност и конзервативно однесувањее на компаниите и мајките инвеститори, и фокусирање на краткорични планови за менаџирање на тековните приоритети во работењето. Тоа може да резултира со одлагање или откажување на долгорочните проекти и планови кои би го стимулирале растот на нашите компании и отварањето на нови работни места; воведување на поголеми премии за ризици со што би се намалила конкурентноста на македонската економија , што најверојатно може да доведе и до зголемување на цената на капиталот, намалување на потрошувачката и одливање на капиталот“, велат од Асоцијацијата . Од тој аспект одржувањето на предвидлив и стабилен амбиент на стопанисување е клучен фактор за стабилноста на деловните субјекти и нивното непречено функционирање.
Европската Бизнис Асоцијација апелира до сите релевантни учесници во креирањето на политичкиот диалог и стабилноста во државата, за итно решавање на настанатата ситуација, со цел да се одржи економската стабилност, инвестициите и долгорочниот економски просперитет на земјата.
