ЕВРОПСКА БИЗНИС АСОЦИЈАЦИЈА: Европските компании наоѓаат добра бизнис клима во Македонија
Европските компании се се поприсутни на македонскиот пазар, а речиси 70% од странските инвестиции во Македонија доаѓаат од земји-членки на ЕУ. Ова го подобрува квалитетот на работењето, се воведуваат нови технологии и знаења и поефикасно корпоративно управување. Заслуга за ова има и Европската бизнис асоцијација (ЕБА), која денеска одбележа 10 години постоење.
„ЕБА се покажа како најдобриот амбасадор за привлекување на странски инвестиции. Македонија е цврсто интегрирана со европските пазари, а стандардите и вредностите на европските компании се широко прифатени кај домашните фирми. Тоа е основната цел и функција на, ЕБА, во која најголем број од компаниите се инвеститори од ЕУ. Во ЕБА членуваат компании од разни сектори, финансискиот, осигурителниот, енергетскиот, металскиот и други, што покажува дека оваа асоцијација не е обичен клуб и интерес на мала група фирми“, вели Глигор Бишев, прв човек на ЕБА.
Владата исто така тврди дека презема чекори за привлекување на инвеститорите од Европа.
„Со одржувањето на макроекономската стабилност, ниската инфлација и ниско ниво на буџетски дефицит, како и умерен јавен долг, очекуваме дека соработката меѓу домашните и европските компании ќе биде уште поинтензивна во наредниот период и тоа ќе донесе и поголем број инвестиции во земјава“, вели премиерот Никола Груевски.
По повод една деценија постоење, ЕБА организираше економски форум во Скопје. Владини претставници, менаџери и претставници на европски институции дебатираа на три панели: макроекономскиот развој на Македонија, искуствата на странските инвеститори во земјава и развојот на македонските брендови и нивната конкурентност.
Слично
