Европратениците го опоменаа ВМРО-ДПМНЕ за непочитување на договорот
Делегација на парламентарци од групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, дојдоа во Скопје да му дадат поддршка на СДСМ и уште еднаш да побараат од премиерот Груевски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ги исполнат сите обврски од Договорот од Пржино.
„Тука сме да го изразиме нашето очекување целосно да се спроведе Договорот од Пржино и од изјавите на ЕУ и на САД забележуваме дека одговорноста за неспроведувањето на Договорот не е во СДСМ, туку во ВМРО-ДПМНЕ. Не е доцна да се влијае на извештајот за напредок на Македонија од ЕУ, но ова се последните часови за да се постигне конечен договор. Времето е сега” порача европарламентарецот Ричард Ховит.
Разочараност од непочитувањето на Пржино изрази и претседателот на групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент - Џани Питела, кој повика на итно спроведување на договорот.
Тој порача дека Владата, а посебно премиерот имаат специјална одговорност во време на политичка криза. Тие треба да дејствуваат веднаш и јасно да покажат со преземените активности дека го следат патот на решавање на кризата.
По средбата со тројцата европарламентарци, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека очекува до утре да се постигне конечен договор за спорните прашања за кои се преговара и дека има сериозно приближување во ставовите.
