Европол инфилтрирал свои луѓе меѓу мигрантите во Грција
Европската полиција инфилтрирала група од прикриени агенти, во центрите за регистрација на мигрантите во Грција, за да се спречи влегувањето на екстремисти од Исламска држава.
Ова го пишува грчкиот весник „Катимерини“. Словенечкиот директор на Европскиот центар против криумчарење мигранти, Роберт Чрепинко, изјавил дека 10 прикриени полицајци се на тајна задача на островите Лезбос, Самос, Хиос и Лерос, како и во пристаништето во Пиреја. Задачата на оперативците е да се даде поддршка и на грчките власти во битката со овој вид организиран криминал, објаснил директорот Чрепинко. Агентите ќе направат проверка на сомнителни имигранти во базите на податоци на Европол, во Холандија. Овие безбедносни проверки се прават за да се процени кои мигранти се опасни пред да влезат во земјите од ЕУ.
