Европејците повеќе не сакаат да патуваат во САД, а еден архипелаг стана вистински хит
Трендовите во патувањата покажуваат јасна промена во преференциите на европските патници, при што еден островски регион се појавува како нов фаворит.
Европејците сè поретко ги избираат Соединетите Американски Држави(САД) како туристичка дестинација, предупредува најголемиот европски туроператор, бидејќи интересот за патувања на долги релации се намалува, а загриженоста за имиграциските политики на претседателот Доналд Трамп продолжува да влијае врз одлуките на патниците.
„Туи, кој ги добива повеќето резервации од европски клиенти, забележува „значително помала побарувачка“ за патувања во Соединетите Американски Држави“, рече извршниот директор Себастијан Ебел.
Во исто време, компанијата забележува пораст на интересот на други пазари, особено на Блискиот Исток и Азија, објавува „Гардијан“.
„Забележуваме посилен раст на патувањата до Емиратите и Азија. Исто така, гледаме зголемена европска побарувачка за Карибите, кои претходно не беа во фокусот поради ограничувањата на капацитетот, но сега повторно нудат простор за раст“, вели Ебел.Податоците потврдуваат поширок тренд на слабеење на трансатлантските патувања. Според извештајот на Европската комисија за патувања, врз основа на анкета на патници од Австралија, Бразил, Канада, Кина, Јапонија, Јужна Кореја и САД, уделот на патниците кои размислуваат да патуваат во Европа оваа година паднал на 42 проценти, во споредба со 45 проценти минатата година. Меѓу американските патници, уделот паднал од 37 на 34 проценти.
Во исто време, неколку европски земји издадоа предупредувања за патување до САД поради зголемените гранични контроли, притворањата на некои посетители и протестите во кои учествувала Службата за имиграција и царина на САД (ICE).
foto Wikipedia/Oquendo from Freeport
