Европа за неколку дена може да остане без гориво: Шефот на „Шел“ предупредува
Европа веќе во наредниот период би можела да се соочи со сериозен недостиг на гориво поради продлабочувањето на кризата на Блискиот Исток, предупреди извршниот директор на „Шел“, Ваел Саван.
Тој посочи дека глобалниот недостиг на нафта и гас веќе ги принудил делови од Азија да ја намалат потрошувачката на енергенси, а последиците би можеле многу брзо да се прелеат и во Европа.
Клучниот проблем е затворањето на Ормускиот теснец од страна на Иран, преку кој минува околу една петтина од светските резерви на нафта и течен природен гас. Поради тоа, европските влади би можеле да бидат приморани да воведат мерки за ограничување на потрошувачката – нешто што не се случило од енергетската криза во 2022 година.
Во меѓувреме, во регионот се интензивираат и воените активности. Велика Британија предводи напори за повторно отворање на клучната трговска рута, додека се разгледуваат и алтернативни решенија, вклучително и употреба на дронови за отстранување мини. САД, пак, подготвуваат дополнителни воени капацитети, иако истовремено најавуваат продолжување на дипломатските напори со Иран.
Азија веќе ги чувствува последиците. Во некои земји се воведени четиридневни работни недели, ограничена е употребата на клима-уреди, а службените патувања се намалени. Се очекува слични мерки да бидат разгледани и во Европа доколку кризата продолжи.
Пазарите веќе реагираа – цените на нафтата и гасот во последните четири недели пораснаа за 40, односно 60 проценти. Во исто време, азиските земји како Кина, Јапонија и Јужна Кореја се натпреваруваат со Европа за набавка на енергенси од САД, што дополнително го зголемува притисокот врз европските пазари.
Иако дел од експертите сметаат дека сценариото со недостиг на гориво е најлошо, но помалку веројатно, предупредуваат дека ако конфликтот се одолговлечи до летото, ризикот значително се зголемува.
Дополнителна загриженост предизвикува и можноста за економски последици. Банкарски анализи предупредуваат дека доколку цените продолжат да растат, некои европски економии би можеле да влезат во рецесија, а централните банки да бидат принудени повторно да ги зголемат каматните стапки.
Експертите заклучуваат дека сè ќе зависи од времетраењето на кризата – доколку снабдувањето не се стабилизира навреме, Европа би можела да се соочи со нов енергетски шок со сериозни последици за економијата и граѓаните.
Индекс.хр