Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европа тестира четиридневна работна недела

Европа тестира четиридневна работна недела

Најголемиот пилот-проект за четиридневна работна недела е спроведен во Велика Британија, опфаќајќи 61 компанија, а резултатите покажуваат дека дури 92 отсто од фирмите решиле да го задржат овој модел и по шестмесечниот тест.

Овој тренд веќе се проширува и во други европски земји. Белгија е првата земја во Европската унија која законски им овозможи на вработените да побараат четиридневна работна недела. Сепак, тоа не значи намалување на работното време – вработените и натаму работат 38 часа неделно, но тие се распределени во четири дена. Целта е поголема флексибилност, а не скратување на работните обврски.

Во Холандија моделот е поинаков – таму просечната работна недела изнесува околу 32 часа. Холанѓаните ставаат акцент на балансот меѓу работата и приватниот живот, дури и ако тоа значи потенцијално пониски приходи. Истражувањата покажуваат дека продуктивноста останува на високо ниво и покрај пократкото работно време, но се отвора прашањето за долгорочната одржливост на ваквиот модел.

Во Франција, пак, работната недела одамна е ограничена на 35 часа, а постои можност за работа во четири дена, во зависност од договорот со работодавачот.

Аналитичарите посочуваат дека четиридневната работна недела може да донесе бројни придобивки – од подобар квалитет на живот до зголемена продуктивност – но истовремено предупредуваат дека не сите професии можат лесно да се прилагодат на ваков систем, особено оние што бараат физичко присуство или континуирана услуга.

Политика.рс

Слично

Поврзани вести