ЕВРОПА СТРАВУВА: ЕУ нема да и дозволи на Грција да ја напушти еврозоната
Портпаролката на Европската комисија, Аника Брајтхарт, денес истакна дека членството на Грција во европската монетарна унија нема да биде доведено во прашање ни по изборите на 25 јануари.
„Според договорот со ЕУ, членството во еврозоната е неотповикливо“, одговорила Брајтхарт на новинарско прашање во однос на можноста за излез на Грција од еврозоната по одржување на парламентарните избори.
Според досегашните анкети можно е во Грција на изборите да победи левичарската коалиција Сириза која е под водство на Алексис Ципрас кој се залага за преиспитување на мерките за штедење и притисокот на ЕУ врз Атина како и за излезе од кризата со „класични“ неолиберални инструменти.
Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, претходно побара од Грција да ги исполни своите обврски кон Европската унија.
„Грците се приморани сами да си ја изберат својата судбина, но одредени обврски мора да бидат испочитувани“, рекол Оланд во изјава за Француското радио.
Неговата изјава следеше откако во неделата медиумите шпекулираа за подготвеноста на Германија да прифати евентуален излез на Грција од еврозоната.
Портпаролот на германската влада, Георг Штрајтер, истакна дека Германија е уверена дека Грција ќе остане приврзана кон програмата за финансиска консолидација која ја иницираше ЕУ.
Слично
