Европа се помири – Ќе ги почека резултатите од грчкиот референдум
Министрите за финансии од еврозоната се согласија да го почекаат исходот од референдумот во Грција пред одржувањето на повеќе дискусии за должничката криза во Атина, изјавил словачкиот министер за финансии Петер Казимир.
„Еврогрупата е единствена во одлуката да се почека резултатот од референдумот во Грција пред понатамошни преговори“, изјавил Казимир по конференцискиот разговор со своите колеги.
„Ајде да не ја поставуваме количката пред коњот“, додал тој.
Вчера грчкиот премиер Алексис Ципрас направи целосен пресврт во позициите во однос на меѓународните кредитори.
Доцна синоќа тој лично испратил писмо до кредиторите, во кое ги информира дека е подготвен да ги прифати нивните услови за финансиска помош, но инсистирал за некои дополнителни услови.
Доцна во вторникот министрите за финансии од еврозоната не се согласија да продолжат со програмата за помош на Грција, додека не помине референдумот на 5 јули.
