Економија, финансии, бизнис

Контакт

Европа не може да се обедини во една Унија, ама ќе „војува“ со Русија

Европа не може да се обедини во една Унија, ама ќе „војува“ со Русија

Европскиот проект се соочува со суштинска криза, дали Унијата ќе продолжи да се шири и да го опфати целиот континент, обединувајќи ги сите европски држави или ќе продолжи да функционира како „раштиман“ оркестар пред засилените геополитички кризи.

Сѐ погласно се говори за забрзано проширување на Европската Унија во која ќе биде интегрирана Украина зафатена од војната со Русија, а тука неминовно ќе биде и зачленување на земјите од Западен Балкан кои се многу понапред со усогласување на европското законодавство и процесот на интегрирање.

Но, поважно е прашањето како Европа ќе се обедини и како планира да „војува“ со Русија, ако не може да се договори за основните принципи на одлучување.

ЕУ членство, но без право на вето

Една од најспоменуваните стратегии во бриселските кулоари е забрзана интеграција на Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан, но без право на вето при одлучувањето, и најверојатно без дополнителни европски комесари кои би им следеле на овие земји по членството.

За Македонија и нашето поблиско окружување таквото членство ќе значи интегрирање во заедничкиот европски пазар, пристап до развојните фондови, единствено гранично управување и влез во царинската унија, но без политички права во управувањето и работењето на централните европски институции.

За Украина и Молдавија исто така се подготвува решение по мерка, што значи дека нивниот пристап до ЕУ ќе биде уште „потенок“, но ќе може да се каже дека се дел од европското семејство, а интеграцијата во економската и политичката сфера ќе се одвива етапно, зависно од текот на војната со Русија и обновата на земјата, како инфраструктурно, така и институционално.

Сѐ почнува и завршува со германското лидерство

Главниот геополитички фокус на Европа е ставање крај на војната во Украина која би резултирала со некаков пораз на Владимир Путин, и да се избегне да се предадат украински територии на Москва, но и гаранции дека Русија нема да продолжи со воената агресија врз останати европски земји, пред се од Балтикот и Источна Европа.

Европските земји, а особено Германија значително се вооружуваат и го подготвуваат населението за целосна војна со Русија до крајот на декадата. Тоа значи подготовка на воените капацитети, пренамена на комерцијалната индустрија за производство на оружје, засилување на цивилната заштита и припреми на сите граѓани за воена состојба.

Поранешните германски лидери како Ангела Меркел и Герхард Шредер иако се во длабока политичка пензија, и натаму се обидуваат да поттикнат директни преговори со Путин и Кремљ, наместо да ја ескалираат состојбата со воинствената реторика.

Европа и натаму нема своја армија и зависи во голема мера од американскиот чадор во НАТО, но на многумина во Брисел им е јасно дека претседателот Трамп не е посветен на трансатлантското партнерство и сака драстично да ја ослабне единствената Европска Унија, а наместо тоа да преговара и развива односи со поединечни европски лидери и држави.

Сѐ повеќе се шират информации дека се развива таен план Б за „европско НАТО“ или обединување на европската воена команда и ресурси без американска поддршка, доколку навистина американското лидерство реши да му го сврти грбот на најзначајниот сојузник.

Добрата страна на оваа криза на лидерство и геополитичка неизвесност е што Европа може конечно да се разбуди од длабокиот зимски сон кој трае од крајот на Втората светска војна и да се посвети на вистинско и целосно европско обединување како трета светска сила која ќе може да парира на САД и Кина. Тука земјите од Балканот ќе бидат само едно камче во мозаикот, но многу важно делче за спречување на продорот кој го прават Кина и Русија како стратешка целина.

Х.С. 

Слично

Поврзани вести