Економија, финансии, бизнис

Контакт

ЕВРОПА НА РАБОТ НА ФИНАНСИСКИ КОЛАПС? Енергетскиот шок ги тресе буџетите – ЕУ стравува од нова криза

ЕВРОПА НА РАБОТ НА ФИНАНСИСКИ КОЛАПС? Енергетскиот шок ги тресе буџетите – ЕУ стравува од нова криза

Европската унија се соочува со сериозен енергетски притисок кој може да прерасне во поширока фискална криза, предупредуваат европските институции и експертите, во услови на раст на цените на енергенсите поради тензиите на Блискиот Исток.

Според информации на „Фајненшел тајмс“, официјалните претставници на ЕУ ги повикуваат земјите-членки да избегнуваат прекумерна потрошувачка за ублажување на ценовните шокови и да ги ограничат мерките како што се субвенции, намалување на даноци и ограничување на цените, односно тие да бидат временски ограничени и строго насочени.

Целта е да се избегне сценарио слично на она од 2022 година, кога енергетската криза по почетокот на војната во Украина доведе до раст на инфлацијата и значителни буџетски дефицити.

Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека постои ризик тековната енергетска криза да се прелее во останатите сектори од економијата, нагласувајќи ја потребата од координиран пристап меѓу земјите-членки.

  • Постојат ризици кризата да се прошири врз целата економија и затоа е неопходна координација и внимателно управување со мерките – посочи Јоргенсен.

Податоците покажуваат дека јавниот долг во ЕУ веќе е во пораст, од 77,8 отсто од БДП во 2019 година на 82,1 отсто во третиот квартал од минатата година, што дополнително го ограничува просторот за нови интервенции.

Во меѓувреме, поради нападите врз Иран, цените на нафтата и гасот во Европа пораснале за околу 60 отсто, што отвора стравувања од недостиг на дизел и авионско гориво.

Некои земји, како Италија, Полска и Шпанија, веќе реагираа со намалување на даноците на горивата, додека други бараат поголема флексибилност во правилата за државна помош. Италија, исто така, се залага за олеснување на фискалните ограничувања за да се овозможи поголем простор за реакција.

Паралелно, министрите за финансии на неколку земји предлагаат воведување данок на екстрапрофит на енергетските компании на ниво на ЕУ, со цел да се намали товарот врз граѓаните и економијата.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, оцени дека таргетираните мерки можат да помогнат, но предупреди дека долготрајни и широки интервенции можат дополнително да ја зголемат инфлацијата.

Слична порака испрати и европскиот комесар за економија Валдис Домбровскис, кој нагласи дека прекумерната јавна потрошувачка може да има сериозни последици врз буџетите на европските земји.

Експертите предупредуваат дека, доколку кризата се продлабочи, Европската унија би можела да се соочи со трета голема економска криза во последните шест години, по пандемијата и војната во Украина.

Телеграф.рс

Слично

Поврзани вести