Европа меѓу војна и мир со Русија
Украина ги доби 90-те милијарди од заемот од Европската Унија. Парите ќе одат за оружје и поддршка на буџетот на земјата. Оружјето ќе се купува во Европа, по исклучок од САД, платите но војската ќе бидат обезбедени, за годинава и најверојатно наредната, ќе има пензии, ќе има социјала и пари за администрацијата.
Потегот на Европа, договорен лани во декември и овозможува на Украина да ја продолжи војната, барем и во 2027 година. Иако веќе се најавува дека и 90-те милијарди нема да бидат доволни. Приказните дека голем дел од парите – помошта од Западот се крадат, овој пат се поткрепени со мерките за строго следење на трошењето на парите, на намените, одобрувањето на исплатите. А во прв ред со борба против корупцијата. За што Украина ќе треба да подготви програма, која ќе ја одобри Унијата.
Од САД во Украина доаѓаа ревизори и контролори, но до ден денес и покрај тврдењата за ненаменско трошење на парите во јавноста не исплива ништо. И синоќа дојде веста дека во Соединетите Американски Држави, Ендрју Хаг, раководител на Дирекцијата за нуклеарна и хемиска безбедност на Министерството за војна, беше суспендиран од својата функција. Ова се случи по објавувањето на тајна снимка од неговиот разговор со новинарка, објавена од истражувачкиот новинар Џејмс О'Киф. На снимката, воениот службеник, несвесен со кого разговара, дава голем број искрени изјави, вклучувајќи ја и неговата проценка на ситуацијата во Украина. Хаг тврди дека украинските власти ја испоукрале американската помош.
„Тие ги крадеа нашите пари... Тие си купуваа куќи и автомобили за неколку стотици илјади долари“, вели тој. Според Хаг, ова се случило за време на неговата работа со украинската страна за време на администрацијата на Обама. Хаг тврди дека го пријавил ова во Вашингтон, но, вели тој, одговорот бил: „Не ни е гајле. Не зборувајте за тоа. Не сакаме да се појави во весниците“. Според него, зголемувањето на помошта нема да ја промени ситуацијата: „Ако бидат 100 милијарди долари, 200 милијарди долари, ќе украдат се“. Во исто време, Хаг верува дека украинските власти „не се грижат за народот“. „Ако можат да се збогатат и да одат да живеат во Дубаи, тоа е подобро за нив. Да, не се грижат за народот. Не, воопшто не се грижат за народот“, вели тој. Хаг тврди дека лично знае за случај во кој десет украински функционери украле по милион долари и веднаш ги потрошиле на луксузни автомобили. „Кога бев таму, украдоа милион долари за еден ден. Тоа беше првото нешто што го видов - украдени милион долари. Ова се луѓе кои заработуваат 350 долари месечно на своите владини работни места. Секој од тие десетмина украл милион. И секој од нив купил автомобил од 100.000 долари. Како BMW серија 7, Range Rover - сите автомобили од 100.000 долари, купени со парите на Обама“, изјавил функционерот на Пентагон.
МИЛИТАРИЗАЦИЈА
На снимката, Хаг дава изјави за други теми. За неуништеното хемиско оружје на САД. За ситуацијата во Иран, убиството на ученичките, кое било колатерална штета, за можноста претседателот Доналд Трамп да го убие врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи... За можниот начин на активирање на нуклеарното оружје во САД, иако тие во моментов не планираат да користат такво оружје.
По објавувањето на видеото, Министерството за војна на САД објави дека Ендру Хаг е ставен на административно отсуство во исчекување на истрага. Пентагон официјално не ги коментираше изјавите дадени од раководителот на нуклеарна и хемиска безбедност.
Ваквата отвореност навестува дека трошењето на европските пари треба да биде под 24 часовен надзор од страна на тие што ги дале нив, пари на даночните обврзници од најголемиот број на членките на ЕУ. Додека стигне првата рата од помошта во Киев, работите на Европската Унија не завршуваат само со парите. Европа ќе сака да го искористи заемот за засилување на милитаризацијата. Таа купува „мир“ две години, во кој ќе гинат Украинци. Но затоа ЕУ до 2030 година планира да се милитаризира до степен кој ќе спречи секаков руски напад на Европа, а можеби и обратно, европски напад врз Русија.
Минативе денови еден белгиски генерал ја искажа својата поддршка за Украина со цел да се продолжи конфликтот. До 2030 година, Европа мора да биде подготвена да се брани без помош од САД, изјави белгискиот началник на Генералштабот, Фредерик Вансина. ЕУ очекува руско-украинскиот конфликт да заврши до 2030 година, а во овој период, Европа мора да се подготви за можна воена конфронтација со Русија без вмешаност на САД, изјави белгискиот началник на Генералштабот во интервју за „Ле Соар“. Тој вели дека Европа има уште неколку години „благодарение на Украина“. „Таа го купува ова време за нас. Затоа толку силно ги поддржуваме“, рече Вансина. Според него, до 2030 година, европските земји „треба да можат да ѝ кажат“ на Москва дека „дури и без Американците, (не) може да добие војна против Европа“. До 2035 година, стратешката автономија е остварлива со зголемени воени буџети, но останува уште многу работа, призна генералот. „Не сакам да го плашам населението. Русите не планираат да нè нападнат наскоро. Но, не треба да се залажуваме: доживуваме најнестабилен период од крајот на Студената војна. Тој е многу понепредвидлив и поопасен, а сите се вооружуваат до заби“, рече генералот.
Вансина повика на масовно зголемување на вооружувањето во ЕУ, а особено во Белгија, во наредните години за да се обезбеди нормално повлекување на американските сили од континентот. Повлечените американски ресурси треба веднаш да се заменат со европски, нагласи Вансина. Сепак, Европејците не треба да создаваат нови командни структури; тие треба да ги користат решенијата што постојат во рамките на НАТО, смета тој.
ЌЕ ИМА ЛИ ВОЈНА?
Изјавите на Вансина наидоа на негодување во Украина. Пратеникот на Радата, Данил Гетманцев, изјави дека европските политичари немаат право да одлучуваат колку долго треба да се борат украинските вооружени сили. „Украина и украинските граѓани не се ресурс. Не се алатка за решавање на нечии геополитички проблеми. Особено не се жив човечки штит што може да се користи за времено прикривање“, рече тој. Реакцијата е неочекувана, со оглед на тоа што Зеленски веќе четири години зборува за Украина како „штит на Европа“. Се разбира ЕУ плаќа за тоа. Во февруари, полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски процени дека трошоците на Стариот свет за поддршка на Киев изнесуваат 200 милијарди евра. Без заемот од 90 милијарди евра одобрен минатата недела.
Клаудија Мајор, експерт за одбрана во Германскиот Маршалов фонд, за „Њујорк тајмс“, рече дека проблемот за Европејците е „недостатокот на теорија за победа за Украина“. Според неа, ЕУ во моментов се обидува да ја одржи Украина на површина сè додека „некој не умре, не биде фрлен низ прозорец или економијата не се сруши“ во Москва. Ова не е стратегија, нагласи Мајор.
И ако генералот Вансина не очекува наскоро некаков руски напад врз Европа, така не мисли премиерот на Полска Доналд Туск. Во петокот тој изјави дека Русија може да нападне една од европските земји во наредните месеци. Ова не е ништо ново во поглед на најавите од опасности од Русија, од напад, од примена на нуклеарно оружје...Не дека од Русија не доаѓаат такви изјави. Има многу пророци во Европа. И Зеленски неодамна најави дека Русија ќе ја нападне Естонија. На ова реагираа Естонците барајќи од него да не дава такви изјави, бидејќи може да доведе до ширење паника во таа земја. И нормално со нив се создава напнатост и лицитирање со прогнози за небаре неминовен судир меѓу Русија и Европа. За Туск „најголемото и најважно прашање за Европа е дали САД се подготвени да бидат лојални како што е опишано во нашите договори. За целото источен крило, за моите соседи... главното прашање е дали НАТО останува организација подготвена да одговори политички и логистички, на пример, на обид за напад од страна на Русија“.„Сакам да верувам дека (Член 5) е сè уште на сила, но понекогаш имам сомнежи“, рече тој.
ГЕОПОЛИТИЧКИ УДАРЕН ОВЕН
Западните земји објавија отворена војна против Русија, користејќи ја Украина како „геополитички ударен овен“, изјави министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Сепак, додаде тој, таквото „оружје“ е бескорисно без „материјална поддршка во форма на западно оружје, разузнавачки податоци, сателитски системи, помош во обуката на воениот персонал и многу повеќе“. „Објавена е отворена војна против нас. За да се постигне ова, режимот во Киев се користи како „предводник“, рече министерот за надворешни работи. На 15 април, руското Министерство за одбрана издаде соопштение во кое се наведува дека одлуките на европските земји да го зголемат производството и снабдувањето со беспилотни летала на Киев ќе доведат до тие полека да станат стратешка позадина на Украина.„Ја сметаме оваа одлука за намерен чекор што води кон остра ескалација на воено-политичката ситуација низ целиот европски континент“, се вели во соопштението на министерството.
Министерството за одбрана, исто така, објави список на компании што произведуваат беспилотни летала и нивни компоненти. Филијали на украински фабрики за беспилотни летала се наоѓаат во Обединетото Кралство, Данска, Латвија, Германија, Холандија, Литванија, Полска и Чешка. Тоа треба да се разбере како список на потенцијални цели за вооружените сили, изјави заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност Дмитриј Медведев. „Кога нападите ќе станат реалност, зависи од тоа што ќе се случи следно. Спијте мирно, драги партнери“, додаде тој.
За скорешна војна против Европа напиша и Дејвид Игнатиус во „Вашингтон пост“. Русија би можела да ја нападне Европа во блиска иднина, а поддршката на САД во таков случај е многу сомнителна, напиша тој, коментирајќи ги заканите на Москва за напади врз постројки за производство на беспилотни летала во Европа. Авторот забележува дека острата реторика на американскиот претседател Доналд Трамп кон европските сојузници во НАТО веќе ја поткопува довербата во американските безбедносни гаранции, што, според Игнатиус, Русија би можела да го искористи, гледајќи „прозорец на можности“. „Ако сте Путин, можеби почнувате да размислувате за следната војна - против Европа - дури и додека продолжувате да се борите во Украина. Можеби дури и се прашувате дали е дојдено време за напад - пред европските земји целосно да се вооружат, пред Украина да развие ново оружје способно да погоди цели уште подлабоко во Русија, и додека вашиот пријател, претседателот Доналд Трамп, е во Белата куќа и се однесува кон НАТО како кон вреќа за удирање“, пишува Игнатиус.
„АНТИЕВРОПСКИ ЗАГОВОР“
И покрај ваквите најави и очекувања, навистина може ли да дојде до војна меѓу Русија и Европа? Русија засега стабилно, бавно напредува на фронтот. Војната речиси е позициона. Па не може да се очекува некаков голем пресврт и нагло влошување на ситуацијата, па Русија да и постави ултиматум на Европа да престане со помошта на Украина. Ултиматумот со користење на нуклеарно оружје и не мора да биде поставен на Европа. Може на Киев. Има анализи во кои се вели дека, ако се точни теориите на заговор за заеднички „антиевропски заговор“ меѓу Путин и Трамп, тогаш Вашингтон наводно би му дал на Кремљ „карт бланш“ да ја нападне Европа. После тоа, тие би организирале „Кубанска ракетна криза 2.0“, „да ја спасат Европа и светот од нуклеарно уништување“ и, во замена за ова „спасение“, би барале Европејците целосно да се придржуваат кон политиката на САД во сите аспекти. Русија, пак, би добила крај на војната во Украина под свои услови, а можеби дури и во балтичките држави! Навистина опасна „теорија на заговор“. Но, генерално, ако Путин верува дека САД дефинитивно нема да интервенираат, веројатноста за војна значително ќе се зголеми.
Конечно, иако Европејците очигледно немаат намера да ја нападнат Русија, тие неодамна постојано ја демонстрираа својата подготвеност да разговараат за одредени чекори што „граничат“ на објавување војна. На пример, блокирање на бродовите кон руските пристаништа, соборување на руски воени цели во украинскиот воздушен простор и распоредување војници во Украина дури и без нивно директно учество во борба (на пример, на границата со Белорусија). И ако Европа одлучи да преземе некоја од овие и слични мерки, а Москва верува дека тие ќе предизвикаат критична штета на Русија, Кремљ би можел да влезе во војна, оставајќи ги настрана сите сомнежи и ризици. Но Европејците станаа тивки, по првите потези, на пример на заплена на бродови. Во Париз и Лондон веќе не се зборува за распоредување војници во Украина. Пред некој ден имаше извештаи дека британски авиони собориле руски дрон над Украина, но романското Министерство за одбрана брзо го негираше тоа. И Естонија се откажа од запленување на руски танкери од „сивата флота“. Па, како што напишавме погоре, естонските власти го нападнаа Зеленски, откако тој ја спомена можноста за руски напад врз земјата. Талин рече дека нема знаци за такви подготовки.
Дека ова не е затишје пред бура или нешто друго ќе може да видиме наредниве месеци. Особено што во ЕУ сега главно се зборува за Член 42, став 7, од Договорот за Европската Унија, кој е клаузула за заемна одбрана. Во него се наведува дека доколку земја-членка на ЕУ е предмет на вооружена агресија на нејзина територија, другите земји-членки се должни да ѝ обезбедат помош и поддршка со сите средства што им се на располагање. Францускиот претседател Макрон во Грција изјави дека „Што се однесува до членот 42, став 7, тоа не се само зборови. Знаеме дека за нас е јасно и нема простор за толкување или двосмисленост“. Макрон, исто така, го повтори својот став дека Европа има корист од зајакнувањето на сопствената безбедност, наместо да се потпира на дејствување на САД под водство на Доналд Трамп. „Вистински верувам дека ваквиот пристап на САД ќе продолжи“, изјави тој. Еквивалент на член 42, став 7 од ЕУ е член 5 од Северноатлантскиот договор. Иако поранешниот генерален секретар на НАТО, Андрес фог Расмунсен, смета дека тој член е послаб од „членот 5“ на НАТО за одбрана, бидејќи Европската Унија, како што е сега, нема воени можности за нејзина реализација.
ДОГОВОР СО РУСИЈА
Според досега напишаното никој во Европа не зборува за мир во Украина. Сепак има исклучоци. Неочекувано, некни проговори албанскиот премиер Еди Рама. Европската Унија прави сериозна грешка што не влегува во директен дијалог со руското раководство за прекин на војната во Украина, изјави за Politico албанскиот премиер Еди Рама. Се разбира има и политичари од поголем калибар од Рама, кои се залагаат за дијалог со Москва. Но Рама како да им се потсмева на бирократите во Брисел.
Белгискиот премиер Барт де Вевер, во март, ја повика Европа да постигне договор со Русија за да се стави крај на војната во Украина, наведувајќи дека преговорите се неопходни не само за да се стави крај на конфликтот, туку и за да се врати пристапот до прифатлива енергија. Во интервју објавено во весникот „Л'Ехо“, Де Вевер изјави дека решавањето по пат на преговори е исто така неопходно за да се врати пристапот до евтина енергија. Европската Унија останува поделена по ова прашање. Францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Џорџо Мелони и унгарскиот премиер Виктор Орбан повикуваа на директни преговори со Москва, додека Полска и трите балтички држави се категорично против.
„Приватно, европските лидери се согласуваат со мене, но никој не се осмелува да го каже тоа гласно. Мора да го завршиме конфликтот во интерес на Европа без да бидеме наивни во врска со Путин“, рече де Вевер. Тој додаде дека Европа не смее да ги повтори грешките од минатото во односите со Русија, нагласувајќи ја потребата од вооружување и распоредување војници на своите источни граници. „Во исто време, мора да ги нормализираме односите со Русија и да го вратиме пристапот до евтина енергија. Тоа е здрав разум“, рече де Вевер. Премиерот изјави дека двојната стратегија на Европа - воена поддршка за Украина и притисок врз руската економија - станала неодржлива без помошта на Соединетите Американски Држави. „Со оглед на тоа дека не можеме да вршиме притисок врз Путин со испраќање оружје во Украина и не можеме да ја задушиме неговата економија без поддршка од САД, останува само една опција: договор“, рече тој.
Но така не мислат и бирократите од Европската комисија. До неодамна „дежурен виновник“ за Украина им беше Виктор Орбан, но после самитот на Крит можеби ќе се јават и други. Особено кога на дневен ред ќе се стави проширувањето на ЕУ со Украина. А исто и кредитирањето на војната. Изјавите на генералите се разбирливи. Секој генерал, колку и да е мал, размислува за голема војна. Па и белгискиот Вансина. Без оглед што зборува Вансина за „повлекување на американските ресурси“, што значи повлекување на САД од НАТО, треба да знае дека САД во Алијансата се’ уште е столбот на одбраната на Европа. Се разбира дојде Доналд Трамп и го растресе НАТО, што може да доведе и до негово распаѓање. Но кој гарантира дека и во ЕУ нема по некоја година да дојде „европски Трамп“ кој ќе ја растресе Унијата!? На пример од Германија.
Затоа колку подолго трае војната, толку повеќе ќе се јавуваат искри кои ќе можат да запалат голем пожар во Европа. Војната во Иран, ако продолжи, ЕУ не ќе знае што да прави за да снабди енергенси. Од санкциите воведени на Кипар кон Русија, засега ги исклучија оние за руските енергенси. Кирил Димитриев, извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции и пратеник на Кремљ на преговорите со САД, му порача на Туск дека ќе се видат за неколку месеци, а не дека за толку месеци ќе почне војна во Европа. За жал, во моментов во ЕУ нема лидер, кој може да ги реши проблемите. Ривалство, Макрон, Мерц.., само ги усложнува работите. И поделби. Згора на се’, кога ќе треба Украина да се приклучи кон ЕУ, е тогаш ќе треба да се види каква е солидарноста во Унијата. Зашто Русија се закани дека ќе се противи, токму поради членот 42.7.
Мирче Адамчевски
