Европа и понатаму зависна од руски гас, Русија може да го пренасочи кон други земји
Во првите десет месеци од оваа година од Русија се испорачани рекордни 17,8 милијарди кубни метри течен гас до Европа.
Како што јавуваат светските медиуми, Европа увезла рекордни количини на руски течен природен гас од јануари до октомври 2022 година. Увозот на течен гас од Русија годинава е зголемен за 42 отсто во споредба со истиот период во 2021 година, пишува Фајненшл тајмс.
Во првите десет месеци од оваа година во Русија се испорачани рекордни 17,8 милијарди кубни метри течен гас. Главни купувачи беа Белгија, Шпанија, Холандија и Франција.
Од вкупно увезеното „сино гориво“, 16 отсто од гасот пристигнал во европските земји по морски пат, оценува британскиот весник. Истовремено, од почетокот на годината преку гасоводи во Европа се испорачани 62,1 милијарди кубни метри руски гас.
Овие податоци упатуваат на заклучок дека Европа се уште не е целосно подготвена да се откаже од гасот од Русија. Ен-Софи Корбо, експерт во Центарот за глобална енергетска политика од Универзитетот Колумбија во Њујорк, смета дека еден ден Русија би можела да престане да испорачува гас за Европа.
Во тој случај, според Корбо, Европејците би биле принудени да купуваат гас на „уште поскапиот спот пазар“.
Корбо верува дека Русија би можела да ги распореди своите танкери за ЛНГ во земји како Бангладеш и Пакистан и да го продава гасот по пониски цени за да стекне „политичка предност“ и „да изврши притисок врз Европејците“, објавува ФТ.
Британскиот весник потсетува дека Европа во 2021 година увезла вкупно 155 милијарди кубни метри руски природен гас, вклучително и течен природен гас.
Експертот Георг Закман смета дека Европската унија не треба да се откаже од рускиот течен природен гас, туку дека треба да развие механизам за заштита во случај „Русија да почне селективно да испраќа гас до индивидуални клиенти во Европа со цел да добие политички поени и да го поткопа европското единство ".
