Европа бара итна алтернатива за картичките Visa и Mastercard
Американските компании моментално доминираат во трансакциите со картички во еврозоната
Eвропа мора итно да ја намали својата зависност од американските платни системи како што се „Виза“ и „Мастеркард“, предупредија лидерите на банкарскиот сектор и европските претставници, велејќи дека нивната доминација на пазарот би можела да стане геополитичко оружје доколку односите со САД се влошат.
Според податоците од Европската централна банка , американските компании учествувале со речиси две третини од сите трансакции со картички во Еврозоната во текот на 2022 година. Дури 13 земји-членки немаат своја национална алтернатива на американските системи, додека постојните домашни шеми се исто така во опаѓање.
Две третини од пазарот се контролирани од САД
Мартина Вајмерт, извршна директорка на Европската иницијатива за плаќања, конзорциум од 16 европски банки и финансиски институции, рече дека Европа мора да дејствува сега.
„Многу сме зависни од меѓународните решенија за плаќање. Имаме квалитетни национални системи за картички, но немаме ништо што функционира прекугранично на ниво на цела Европа. Ако зборуваме за независност, а сите знаеме дека времето е клучно, потребна е итна акција “, рече Вајмерт, пренесува FT.
Падот на употребата на готовина дополнително ја зголемува загриженоста на европските институции. Стравот е дека во случај на сериозно нарушување на трансатлантските односи, доминацијата на американските компании би можела да се искористи како лост за притисок.
Предупредувања за стратешка зависност
Поранешниот претседател на ЕЦБ, Марио Драги, неодамна предупреди дека длабоката економска интеграција создала зависности што можат да се злоупотребат.
„Меѓузависноста, која некогаш се сметаше за извор на меѓусебна стабилност, стана извор на моќ и контрола“, рече Драги.
Слични проценки доаѓаат и од секторот за сајбер безбедност, каде што се истакнува дека Европа во голема мера им ја препуштила клучната дигитална инфраструктура на американските технолошки гиганти.
Во 2024 година, конзорциумот EPI го лансираше Wero, европска алтернатива на Apple Pay. Шемата за дигитално плаќање моментално има 48,5 милиони корисници во Белгија, Франција и Германија, а планот е да се овозможат и онлајн и плаќања во продавници низ цела Европа до 2027 година.
Сепак, претходните обиди на приватниот сектор да воспостави силна паневропска шема за картички покажаа колку е тешко да се хармонизираат стандардите и да се постигне потребната скала, соопшти ЕЦБ.
Wero работи на SEPA инстант кредитни трансфери и ви овозможува да испраќате пари само со телефонски број - без IBAN, без картичка, без посредник.
Сепак, проектот е поделен меѓу европските политичари и банки, а гласањето во Европскиот парламент подоцна оваа година би можело да биде неизвесно.
Вајмерт предупредува дека Европа можеби нема да има луксуз да чека.
„ Дигиталното евро ќе дојде само за неколку години, можеби по мандатот на американскиот претседател Доналд Трамп. Мислам дека ни истекува времето“, рече таа.
Во време кога геополитиката сè повеќе влијае врз финансиските текови, прашањето за контрола врз платните системи станува клучно прашање на европскиот економски суверенитет.
Блиц